Невремето „Балос“ предизвика проблеми во Грција

Силниот дожд и новото невреме „Балос“ што ја зафати Грција, предизвика проблеми во повеќе делови на земјата, а жителите на Атина, со порака од бројот 112 за итни случаи беа предупредени да избегнуваат непотребни движења, додека неколку централни булевари и дел од училиште беа поплавени, јави дописничката на МИА од Атина.

Социјалните мрежи во Грција, денеска се „преплавени“ со видеа од поплавени улици, училишта, но и факултети во Атина.

Учениците од една паралелка од основно училиште во атинска населба, според видеата објавени на социјалните мрежи, беа евакуирани од поплавена барака, откако наставниците со помош на клупите, направиле мост преку кој децата стигнале до централната зграда на училиштето.

Со одлука на префектот на областа Атика, поширокиот дел на Атина, попладнево сите училишта во овој регион се затворени, а дополнително во зависност од временските услови утре ќе се одлучи дали ќе работат.

На неколку булевари во Атина, кои секоја година, поради обилните врнежи се поплавуваат, сообраќајот привремено беше во прекин, а преку бројот 112 за итни случаи, жителите на Атина, Евија и Солун добија порака дека во тек е невреме и да избегнуваат непотребни движења, како и поплавени места.

Противпожарната служба, само во областа Атика добила над 200 повици за помош.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому истакна дека приоритет на Владата е заштита на човечките животи, како и заштитата на имотите.

Тој истакна дека на континуираните состаноци на министерот за климатска криза и цивилна заштита со надлежните органи било одлучено локалните власти веднаш да ги известуваат граѓаните да избегнуваат, особено во текот на ноќта, подруми или делови каде што во минатото имало поплави; да се активира бројот 112; сите сили на цивилната заштита, пожарната, полицијата, војската и брзата помош да бидат во состојба на готовност за да можат навремено да интервенираат, доколку биде потребно, а од вчера се во функција оперативни центри во различни делови на земјата.

 

ФОТО: МИА