Неизвесно продолжувањето на конститутивната седница за избор на претседател на Собранието

– Неизвесно е дали денеска ќе се одржи најавениот избор на претседател на Собранието. На функцијата треба да биде реизбран претседавачот и претседател на минатиот собраниски состав Талат Џафери, кој треба официјално да го закаже продолжението на конститутивната седница.

Според собраниски извори, се уште се водат разговори за продолжување на конститутивната седница. За какви разговори станува збор никој официјално не зборува. Дел од медиумите пишуваат за несогласувања во редовите на пратениците од ДУИ.

Со изборот на Џафери треба да биде и официјализирано мнозинството во Парламентот по склучениот договор за владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ, а во која влегуваат партиите од коалицијата „Можеме“ и ДПА на Мендух Тачи. Според бројот, владејачкото мнозинството би имало 62 пратеници.

Денешниот избор на Џафери синоќа го најави лидерот на ДУИ Али Ахмети на состанокот на Централниот совет на партијата на кој беше потврден коалицискиот договор со СДСМ и беа објавени имињата на кандидатите за министри во новата влада.

Очекувањата се дека предлогот за избор на Џафери за собраниски спикер ќе биде поднесен во Парламентот со потписи од 20 пратеници.

Претседателот на Собранието се избира со најмалку 61 глас од вкупниот број пратеници.

По изборот, претседателот на Собранието во наредните денови ќе треба да закаже и седница за избор на новата Влада што ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев.