Вакцината и ревакцината мора да се исти

„Нема препорака да се мешаат вакцините. Како за првата доза истиот производител треба да биде и за втората доза. И тоа се официјалните препораки на сите производители. Немаме официјална препорака дека може да биде вакцина од еден тип за прва доза и друг тип за втора доза“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека сè уште нема точни датуми за пристигнувањето на вакцините „Спутник“ и на „Синовак“.

„Вчера разговарав со рускиот амбасадор и тој зема обврска во текот на
денот да контактира со Институтот во Москва и да даде повратни информации. Најавата за пристигнувањето на вакцини од „Синовак“ е за првите десет дена од месецов“, рече Филипче.

Првиот човек во македонското здравство нагласи дека имунизацијата нема да запре, дека вчера пристигнаа вакцини од „Фајзер“ кои се дистрибуираата, и дека во текот на неделава се очекуваат и други вакцини да стигнат од Бугарија и Грција.

„Сè уште има бројка на граѓани кои се над 60 години и не се вакцинирани. Близу 42 проценти се вакцинирани од вкупната популација над 65 години. Со кампањата очекуваме уште поголем број граѓани да се пријават за вакцинација. Не се сеуште сите вакцинирани и тие вакцини нема да бидат неискористени. Не ги креираме препораките и ставовите кој со која вакцина треба да се вакцинира врз основа на тоа што е располжливо како тип на вакцина, туку врз основа на стручните препораки. Додека не сме сигурни дека е безбедна вакцината согласно сите случаи кои се пријавуваат за компликации за помлади од 60 години тоа ќе остане така“, рече Филипче.

Тој посочи дека случаите со Ковид-19 во последните денови не се во тешка состојба.

„Тешките случаи со Ковид-19 се заостанати од претходно. Бројот на нови случаи се намалува. На Инфективната клиника 40-тина пациенти беа останати во одделите за интензивна нега, најтешките пациенти од другите болници се трансферирани во Скопје и тој број е во опаѓање што е индикатор кој укажува дека целата епидемија спласнува“, рече Филипче.