На свадбите без ракување, музика е дозволено, играњето со безбедно растојание

Владата вчера на седница го донесе протоколот за свадби, прослави и веселби со цел да ја уреди одлуката со која се дозволува нивно организирање на отворен простор односно на летни тераси до максимум сто лица, но не повеќе од 50 проценти исполнетост на капацитетот.

Владиниот портпарол Муамет Хоџа во одговор на новинарско прашање денеска на прес-конференција прецизираше дека протоколот предвидува стандардна процедура – на влез да има поставено и задолжително да се користи средство за дезинфекција и да се мери температура. Просторот на летните тераси да е отворен од трите страни, забрането е поздравување со ракување, гушкање или друг вид физички контакт со гостите.

Ангажирање музика односно естрадни уметници е дозволено само при организирање свадби односно музичарите треба да бидат оддалечени најмалку пет метри од најблиската маса и не смеат да се движат помеѓу гостите. Протоколот дозволува играње на подиум со безбеден простор од четири квадратни метри по лице со почитување на препорачаната дистанца, рече Хоџа.

Организаторот на прославата има обврска да достави листа на гости до одговорниот менаџер на објектот кој, пак, има обврска да го евидентира секој гостин на прославата. Организаторот е обврзан и да ги запознае сите гости со препораките предвидени во протоколот. Менаџерот на угостителскиот објект е должен да ја регистрира и пријави прославата во Комората на угостители која води регистар на свадби, прослави и веселби.

Ако се движат во затворениот дел, гостите задолжително ќе носат заштитни маски. Во однос на казните за непочитување на мерките, Хоџа рече дека за нив се задолжени надлежните институции што ќе контролираат.

Владата на синоќешната седница ги прифати препораките за попуштање на рестриктивните мерки предложени од Комисијата за заразни болести.