Стив Кирш (67), американски богаташ кој се прослави по изумот – оптичко глувче, на Твитер сподели бизарна епизода од авион на Делта ерлајнс, пишува британски „Сан“.
Тој на една патничка и понудил 100.000 долари (94.000 евра) за да и ја симне заштитната маска.
Станува збор за добро познат антиваксер и скептик по прашањето за коронавирусот, кого претходно го обвинуваа за ширење дезинформации за пандемијата на Интернет.
Необичниот разговор со патничката го сподели на Твитер.
Објаснува дека најпрвин почнал со понудата од 100 долари замолувајќи ја патничката што седела до него во прва класа да ја отстрани заштитната маска. Таа учтиво ја одбила неговата понуда, но Кирш, чие богатство се проценува на 216 милиони евра, решил да го зголеми влогот.
„Лицето што седеше до мене во прва класа одби 100.000 долари кога ја замолив да ја симне маската до крајот на летот.
Не се шегувам. И тоа откако и објаснив дека маските немаат ефект. Вработена е во фармацевтска компанија“, напиша.
На Твитер објави и селфи на кое се гледа дека авионот бил полн.
Кирш не можел да се изначуди што жената не сакала да ја симне маската, додека не стигнала храната.
„Ја извади маската веднаш штом дојде појадокот!
Затоа што сите знаеме дека не можете да се заразите додека јадете! Ѝ укажав на фактот дека еден здив е доволен за да се зарази. Целосно ја разоткрив. Можеби следниот пат ќе седам до некој што има сметка во Банката на Силиконската долина“, се пошегува Кирш на крајот.
Да потсетиме, неодамнешниот колапс на банката предизвика метеж на светските берзи.
Необичната анегдота на Кирш од авионот не им се допадна на сите. Многумина на Твитер изразија загриженост поради неговото „агресивно“ однесување. Некои го обвинија дека патничката ја вознемирувал со теории на заговор против Ковид.
„Ова е навистина морничаво, разбирате, нели?
Сè, од барањето до тоа што решивте да твитате за тоа“, напишал еден корисник на социјална мрежа. –
„Вие сте личност каква што сите сакаме да ја избегнеме во авионот“, порачал друг твитерџија.
„Се обложувам дека госпоѓата зажалила што не седнала на друго место“, е уште еден во низата негативни коментари.
Под објавата на Кирш на Твитер имаше повеќе од 32.000 коментари.
(Фото: Твитер)