Губеше Новак Ѓоковиќ, му се слоши, му го измерија притисокот, се напи таблета, но не изгуби. Како феникс, Србинот се издигна и се преврти во финалето во Синсинати против Карлос Алкараз. Славеше со 2:1 во сетови после три часа и 37 минути игра.
Ноле дојде до брејк, на средината од првиот сет, а потоа се изгуби на теренот.
Се чинеше дека високите температури во Охајо не му одговараат на српскиот тенисер, кој не личеше на себе на теренот.
Со лесен ритам двајцата го отворија натпреварот, а како одминуваше времето играта стануваше се подинамична.
Во шестиот гем Ѓоковиќ доби три брејк можности, ја искористи првата, а потоа следуваше пад на победникот на 23 Грен слем турнири.
Ѓоковиќ му дозволи на ривалот да го врати брејкот, а потоа од 14 поени Србинот освои три, а Шпанецот 11.
Неизвесно беше во продолжението, се до 11. гем кога после три брејк можности Алкараз успеа да направи пресврт, а потоа лесно го потврди брејкот.
Судијата го опомена Новак за пречекорување на времето, што предизвика свирежи од дел од публиката, а потфрли во првиот сет и технологијата.
Додека двајцата си разменуваа удари, се огласи роботот и викна „АУТ“, додека топчето беше во воздух далеку од линијата.
Во вториот сет навивачите имаа можност да уживаат во се што може да понуди тенисот.
Ѓоковиќ на почетокот побара медицински тајм-аут, испи таблета, лекарите му го измерија притисокот и продолжи.
Недолго потоа брејк направи Карлос Алкараз, а во завршницата на сетот Новак му врати.
Тас на вагата беше тај-брејк кој по беспоштедната борба му припадна на Србинот кој израмни на 1:1 во сетови.
Петтиот гем од третиот сет му даде шанса на Новак за две брејк топки. Првиот на АТП листата ги преживеа нападите на Србинот и покрај тоа што во гемот направи два двојни сервис грешки.
Слична беше ситуацијата и во седмиот гем.Ѓоковиќ имаше пет брејк прилики, Алкараз грчевито се бореше, но петтата за него беше преголем залак.
Победникот во овој сет го даде тај-брејкот во кој Ѓоковиќ уште еднаш доминираше.
НОВАК ЃОКОВИЌ – КАРЛОС АЛКАРАЗ 5:7, 7:6, 7:6
Освојувачот на 23 Грен слем турнири се сретна со Карлос Алкараз во финалето во Синсинати, 35 дена по големата битка што ја водеа на Вимблдон. Алкараз беше подобар во Лондон. Сега скорот во меѓусебните дуели е 2:2.
Новак со овој триумф го освои својот трет трофеј во Синсинати. Претходно доминираше во во 2018 и 2020 година.
Ѓоковиќ до финалето на Мастерсот стигна без загубен сет, во првото коло беше слободен, во второто мечот му го предаде Алехандро Давидович Фокина, во осминафиналето српскиот тенисер беше подобар од Гаел Монфис, а потоа триумфираше над Тејлор Фриц и во полуфиналето го совлада Александар Зверев.
Алкараз, пак, за разлика од Новак, на секој меч до финалето губеше по еден сет.
Во четврт-финалето против Макс Прузел и во полуфиналето со Хуберт Хуркач, Шпанецот правеше пресврт и не стигна толку лесно до триумфот.
Со пласманот во финалето во Синсинати, Алкараз ја зачува и првата позиција на АТП листата.
ТОП 10 АТП листа
- Карлос Алкараз – 9.395
- Новак Ѓоковиќ – 8.795
- Данил Медведев – 6.530
- Стефанос Циципас – 5.090
- Холгер Руне – 4.790
- Јаник Синер – 4.725
- Каспер Руд – 4.715
- Андреј Рубљов – 4.595
- Тејлор Фриц – 3.605
- Франсис Тијафо – 3.050
(Фото: АП / Аарон Достер)







