Нивото на реката Треска за еден ден се зголеми за 26 сантиметри

LinkSense.mk

Врнежите од дожд кои во последното деноноќие беа присутни во Кичевско-Бродскиот регион, придонесоа нивото на реката Треска забрзано да расте и од вчера измерените 64 сантиметри, до денеска се зголемија на 90 сантиметри, што е за 20 сантиметри под котата за опасност од поплави.

-Нивото на Треска повторно е во пораст, а причина се последните врнежи од дожд во нашиот регион. Во последните 24 часа врне дожд со среден интензитет. По престанокот на врнежите претходната недела, нивото на Треска се спушти на кота од 64 сантиметри, за во последните 24 часа коритото на Треска повторно да се наполни, а за тоа се потврда денеска со измерените 90 сантиметри на мерно место кај Македонски Брод. Овие бројки не треба да не загрижат, бидејќи се уште Треска е под нивото за опасност од поплави, што се случува кога нивото на реката ќе се подигне на на кота од 110 сантиметри, рече Миле Стојкоски од ЦУК Македонски Брод.

Тој појасни дека на поголем дел од поплавените површини водата се уште не е повлечена, а причина ја гледа во презаситеноста на почвата со вода, што предизвика и подигнување на подземните води.

Инаку и во Кичевско водата од поплавените површини се уште не е целосно повлечена, а таму каде што е повлечена остана само ѓубрето и пластичната амбалажа.