НИКОЈ НЕ Е СЕМОЌЕН: „Епл“ под строга контрола на германските власти

LinkSense.mk

Германската Сојузна канцеларија за картели го засили надзорот над американската технолошка компанија „Епл“ (Apple), посебно фокусирајќи се на потенцијалните злоупотреби на нејзините пазарни позиции.

Како што пренесува француската новинска агенција АФП, власта сака да се осигура дека „Епл“ не ја искористува својата големина и моќ на нефер и нечесен начин.

„Епл“ има значително проширен дигитален екосистем во рамки на кој може во голема мера да ги контролира функциите и услугите до кои корисниците пристапуваат, велат, меѓу другото, од канцеларијата.

„Компанијата, освен тоа, има приоритетен пристап до податоци важни од гледна точка на пазарната конкуренција. Групацијата затоа е во позиција на моќ, што создаде потенцијал да дејствува на начини кои се сомнителни од конкурентска гледна точка“, напишаа тие.

„Епл“ им се придружува на „Амазон“, на матичната фирма на „Гугл“, „Алфабет“, и на „Мета“, сопственикот на „Фејсбук“, за кои Антимонополското биро утврди дека имаат значителна пазарна моќ.

Како резултат на тоа, тие се подложени на подетална контрола во поглед на евентуални кршења на правилата за пазарна конкуренција.

На почетокот на 2021 година, во Германија на сила стапи промена во законодавството за пазарна конкуренција, што на регулаторите им овозможува навремена и ефективна интервенција.

Ова посебно важи за големите технолошки компании, но под услов прво да го покажат своето значајно пазарно влијание.