Ниту срам, ниту перде

Медицината без Хипократ, црквата без Господ, политиката без морал, луѓето без душа…

Ја живееме она народната „Од што паметниот се срами, со тоа будалата се гордее“, а фразата „Срам да ти е“ предизвикува потсмев наместо соборен поглед.

Образот некогаш беше најважна „своина“ на човекот, а сега не може ниту да се зацрвени. Посраменоста е вредност која нашево современо општество ја изгуби.

Францускиот писател Маркиз де Сад веруваше дека никој не е поопасен од човекот без срам. Достоевски сметаше дека убавината ќе го спаси светот, но неговиот сонародник, режисерот Андреј Тарковски таа улога му ја довери на срамот. Иво Андриќ мислеше дека човекот во првата половина од животот го работи она од што во втората половина ќе се срами и ќе го одрекува, а втората половина ќе му помине во попусти обиди да се поправи или барем да се забошоти она што се работело во првата. На крај, вели Андриќ, остануваат само каењето и срамот.

Вчера ниту еден советник од Охрид на седницата на општината не ги истакна своите морални вредности.

Моралот, почитувани советници, е збир на правила на одредено општество или класа за содржината и начинот на меѓусебните односи на луѓето и човековите заедници. Моралот, господа, е самоувереност и храброст, исправност и чесност, добродетелство, верност и преданост. Тоа е мисла што има за цел да подучи. Моралот е поука, свест и висок дух. Вие вчера немавте ништо од сето ова набројано. Немавте ниту „М“ од морал.

Морбидно е да се разговара за се, а ниту еден збор да не се каже за Сара. Да не му се помогне на девојчето, сега кога му е најпотребна помош. А, ако не сега кога!?

Човекот не се грижи на вистински начин за себе, ако не се грижи за другите. Не може да биде случајно морален ниту случајно неморален. Не е доволно да знае што е добро. Мора слободно да одлучува за своето однесување и да има развиено сочувство. Се додека не се развиени овие предуслови, во криза се и поединецот и општеството.

А во општеството мора да постои барем минимална усогласеност. Нашето општество е долго без оваа усогласеност и не е ни чудо што во него и околу него избувнуваат или тлеат судири.

Срамот, велат, е една од најважните човекови емоции. Чувството кое се јавува во текот на раниот развој е ненормално ако не постои, истакнува американскиот психијатар Ален Салеријан. Но, тешко е да се носиш со него затоа што станува збор за чувство кое израснува од свеста дека ние или некој друг, сеедно, сме направиле нешто нечесно и недолично. Чувството на преголем срам е деструктивно, затоа што ја парализира личноста да живее исполнето и ја намалува самодовербата, но неговото постоење е неопходно ако сакаме да живееме во склад со етичките вредности.

Но, наместо да се обидуваат да се изборат со таа емоција, некои често развиваат разни одбрамбени механизми, од одрекувања до бес и став дека „нападот е најдобра одбрана“.

Не се согласивте да и помогнете на Сара оти, демек, и да се изгласа за доделување парични средства, тоа немало да помине, немало основ, не било законски. Кому тоа кажувате гачки!?

Не, бре, не ми е криво што лажете, криво ми е што мислите дека ви веруваме.

А, законски ли е да арчите пари за се и сешто.

Вие, почитувани охридски советници, вчера немавте ниту срам ниту перде.

Туку, колку да знаете, почитувањето е бумеранг. Имајте го ова секогаш на ум.

А, Сара… Сара, уверен сум, е силна, многу силна, и таа со вас или без вас ќе ја победи болеста.