Ништо од примирјето: Израел погоди 40 подземни цели во Газа

LinkSense.mk

Повеќе од 50 израелски авиони погодија 40 подземни цели на Хамас во Газа, соопштија претставници на војската на Израел. Со тоа, пишувањето на израелските медиуми за претстојниот прекин на огнот којшто наводно е договорен, го демантираше претставник на Хамас.

Борбените авиони и леталата ги продолжија ноќва операциите во областите Хан Јунис и Рафах во јужниот дел на Појасот Газа. Во рамки на 25-минутниот напад на мета беа околу 40 подземни цели на терористичката организација Хамас. Нападот го извршија 52 авиони користејќи околу 120 парчиња високо прецизна муниција“, се наведува во објавата на Твитер на израелската војска.

Високиот претставник на палестинскиот Хамас, Изат ел Ришк, го демантираше пишувањето на израелските медиуми за престојниот прекин на огнот кој, наводно, бил договорен во четвртокот, пренесе „Тајмс оф Израел“, додавајќи дека Ерусалим не ја потврдил оваа информација.

Не е точно тоа што го објавија непријателските медиуми дека Хамас се сложил за примирје. Никаков договор за тајмингот на запирање на судирите не е постигнат“, изјави Ришк, член на потесното раководство на Хамас.

Напорите да се издејствува прекин на огнот на Блискиот Исток, во Појасот Газа, се во тек, додаде Ришк, а предлагачи се Обединетите нации, Египет, Катар и уште неколку држави.

Напорите и контактите на посредниците се сериозни и зачестени, но барањата на нашиот народ се јасни и добро познати“, вели Ришк.

Претходно, одделни израелски медиуми известија дека Израел и Палестина се договориле да ги запрат воените дејствија, меѓутоа „Тајмс оф Израел“ цитира извор близок на Египет, којшто е активно вклучен како посредник меѓу двете страни, а според кој разговорите и понатаму се во тек, дека се далеку од какво било решение.

 

 

(Фото: МИА)