Нова пионерска велосипедска патека на Водно

На Средно Водно, денеска во 12:00 часот официјално ќе биде отворена новата пионерска велосипедска патека, која е дел од проектот „Велосипедски парк Водно“.

„Претходно, сите велосипедисти се поканети да учествуваат на
натпревар во организација на „Прв до врв“. Натпреварот ќе почне во 10
часот од полициска станица Водно и секој натпреварувач ќе стартува на
20 секунди, а учеството е бесплатно“, информираа од Град Скопје.

Новата планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до 3 метри), со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица се до Средно Водно.

За да се зголеми безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари.

„Со изградбата на велосипедската патека на Водно, се отвора ново поглавје во туристичката понуда на Скопје, но и на Република Северна Македонија. Тргнувајќи од фактот дека велосипедскиот туризам се реализира преку програмата за развој и промоција на туризмот во шест држави од Западен Балкан, и Град Скопје ја изгради оваа сертифицирана вело–патека што ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно“, истакнаа од Град Скопје.

Проектот за уредување на оваа планинска вело-патека на Водно се реализираше во соработка и е кофинансиран од Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council).