Новинарски синдикат: МПМ нема чесни намери кон вработените

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници начинот на кој МПМ, сопственикот на „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, се справува со финансиските потешкотии за кои менаџментот со години во континуитет говори го нарекува скандалозен.

Од синдикатот наведуваат дека шпекулациите за стечај проследени со конкурси за вработување во фирма со слично име во сопственост на еден од директорите на МПМ се последниот чин од драматичното стрмоглавување на оваа медимска куќа која уште еднаш потврди дека нема чесни намери кон своите вработени.

Доказ за тоа, велат од новинарскиот синдикат, се следниве факти:
– Промените се случуваат тајно без информирање на синдикатот.
– Бројот на работните позиции е дупло помал од бројот на моментално вработените во МПМ.
– Во клучни моменти во кои се решава судбината на вработените тие се ставени пред избор „земи или остави“ додека сопствениците се зафатени или се на пат.
– Условите за вработување се на определено време со што новите работници ќе бидат лесно уценувани со губење на работата доколку на каков и да е начин бидат оценети како неподобни.

Поради ова ССНМ ги повика институциите, пред се Министерството за труд и социјална политика, но и правосудни и истражни органи да се позанинамаваат со случајот во кој е очебијно дека законските прописи се користат на начин на кој единствени губитници од лошото менаџирање ќе бидат оние што се и најмалку одговорни – вработените.

Притоа, на колегите од Медиа принт Македонија, ССНМ јавно им порача да не потпишуваат однапред никакви спогодбени откази затоа што на тој начин ќе ги загубат можностите да ги наплатат своите побарувања (неисплатените плати) од стечајната маса, како и поддршката која им следува од Агенцијата за вработување во случај на стечај.