Нови детали за ликвидацијата на водачот на Исламска држава

Генералот Кенет Френк Мекензи, началник на Централна команда на американската војска, кој го надгледуваше американскиот напад на водачот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, даде најдетален извештај за операцијата и рече дека САД се подготвени за евентуални напади на екстремисти.

Пентагон вчера објави владини фотографии и видео записи од ноќната операција, вклучувајќи и една која ги прикажува „Делта Форс“ командосите како приоѓаат до ѕидовите на комплексот во кој се пронајдени Багдади и други.

На друго видео се прикажани американските воени удари на други екстремисти кои стрелале на хелихоптерите кои ги превезувале војниците во тој комплекс.

САД го бомбардираа тој објект откако војниците ја завршиле мисијата за да не стане светилиште за Багдади.

„Во овој момент тој личи на паркинг со големи дупки“, рече Мекензи.

Тој наведе дека со Багдади загинале две деца кога ја активирал бомбата на елекот и дека се верува дека имале помалку од 12 години.

Од објектот се извлечени 11 деца, кои останале неповредени.

Мекензи изјави дека загинале и четири жени и двајца мажи кои, исто така, на себе имале елеци со бомби, а одбиле да се предадат.