Новогодишен масакр во Истанбул

Во вооружен напад во ноќен клуб во Истанбул загинаа 39 лица, а 69 се ранети. Четири лица се во критична состојба.

Нападот е извршен во 1.15 часот во популарниот ноќен клуб „Рејна“ во кравртот Ортакој.

Маж облечен како Дедо Мраз, во моментот кога во клубот меѓу 700 и 800 лица славеле Нова година, извадил автоматска пушка и стрелал во гостите.

istanbul-3

Сведоците на злосторството велат дека во моментот на пукањето настанала паника во ноќниот клуб и дека гостите на локалот обидувајќи се да стасаат до излезот газеле едни врз други. Многу од нив скокале во морето во обид да се спасат.

„Се забавувавме кога луѓето одеднаш почнаа да бегаат. Маж ми рече да не се плашам и скокна врз мене да ме заштити. Луѓето едноставно трчаа преку нас. Мојот сопруг е погоден на три места.“, изјави Синем Ујаник за весникот „Хуријет“.

istanbul-4

Набрзо после нападот во медиумите се појавија конфузни информации за бројот на напаѓачите во клубот. Синем тврди дека биле двајца.

„Беше неверојатно страшно. Некој пукаше во нас. Две лица пукаа“, вели таа.

Во тие моменти во клубот се чуствувал силен мирис на барут.

„Тогаш се онесвестив. Кога си дојдов на себе, маж ми беше крвав. Луѓето беа натопени со крв“, објасни Синем.
Неколку часа по нападот на нејзиниот сопруг Луфтиј Ујаник во болницата му се санирани раните.

Келнер од клубот во којшто се случи нападот вели дека имал многу среќа.

„Бев близу до местото на настанот. Незнам, среќа е што сум жив и што разговарам со вас“, изјави ова момче.

istanbul-5

Уште една девојка која присуствувала на хорор сцените во клубот вели дека очајнички се обидувала да телефонира, се додека полицијата не стасала таму и ги евакуирала. Таа тврди дека видела како луѓе во очај скокаат во морето за да ги избегнат куршумите.

„Секој ден гледаме извештаи за терористички напади на телевизија, но е навистина застрашувачки кога вам тоа ќе ви се случи“, вели таа.

Меѓу гостите во ноќниот клуб бил и турскиот фудбалер Софа Бојдас. Тој изјави дека полицијата стигнала многу брзо откако се случил масакрот.

„Не видов кој пука, но ги слушнав истрелите и видов луѓе како бегаат“, напиша тој на својот профил на Твитер.

Кога се слушнале првите истрели, ја дигнал својата девојка, која била со високи потпетици, ја префрлил на грб и ја однел надвор, објасни тој на Твитер.

istanbul-1

istanbul-2