Ново пробивање на рекорд на Вол стрит

Индексот на њујоршката берза Дау Џонс денес постигна нов рекорд со раст на вредноста на акциите кои ги предводат банките.

Акциите на европските берзи исто така добија на вредност, иако берзата во Милано е во пад после референдумот и најавата за оставка на премиерот Матео Ренци.

berza-3

Покрај растот на индустрискиот индекс на Дау Џонс, и технолошките компании, кои ослабеа после претседателските избори во САД, денес го надополнија делот од неодамнешните загуби.

Индексот на Дау Џонс е во пораст од 0,3 отсто, Стандард енд Пур 500 од 0,5 отсто, а Насдак од 0,9 отсто.

Банките го продолжија растот кој почна после изборите во САД со акциите на највисоко ниво од почетокот на 2008 година.

berza-nasdak

Акциите на Голдман Сакс се во пораст од два отсто, на 227,8 долари, што е најповеќе во последните девет години.

Вредноста на нафтата, исто така, продолжи да расте и сега е над 52 долари за барел, колку што последен пат беше во јули 2015 година.

Цената на американската нафта денес порасна за 0,7 отсто, на 52,03 долари за барел, додека нафтата Брент поскапе за 1,07 отсто, на 55,4 долари за барел.

berza-dolari

Европските берзи се главно во плус, додека азиските денес завршија повеќето во црвено.

Германскиот Дакс порасна за 1,6 отсто, францускиот КАК-40 еден отсто, а британскиот ФТСЕ 100 за 0,2 отсто.

Јапонскиот Никеи 225 падна за 0,8 отсто, хонгкошкиот Ханг Сенг за 0,3 отсто, шангајскиот композитен индекс 1,1 отсто, а јужнокореанскиот Коспи за 0,4 отсто.