Нов бродолом на Манчестер јунајтед

LinkSense.mk

Фудбалерите на Манчестер јунајтед денеска на својот стадион го пречекаа тимот на Брајтон, на отворањето на новата сезона од Премиер лигата, и беа поразени со резултат 1:2.

Ова беше шанса за нов почеток, шанса за славниот англиски клуб со нов перспективен стратег, Ерик тен Хаг, да почне да освојува нови хоризонти и да си го врати угледот што со децении наназад макотрпно го градеа вистинските легенди од „Олд Трафорд“.

Преполнетиот „театар на соништата“ со овации и громогласни аплаузи го пречека Холанѓанецот на „вжештената“ клупа на фудбалскиот гигант, апсолутно сè зрачеше со позитивна енергија.

Но…

Еуфоријата брзо стивна. По динамичните воведни пет минути, се виде дека Грем Потер, младиот тренер на Брајтон, ќе ги држи конците во свои раце.

Потврда за тоа дојде во 30. минута, кога Паскал Грос после извонредната тимска акција ја затресе мрежата за домаќините.

Одличниот Германец, познат како еден од најкреативните играчи во Премиер лигата, после една одбиена топка зголеми на 2:0 и го замолкна „Олд Трафорд“.

Продолжението не донесе поинаква слика на теренот, Потер целосно тактички го надмудри својот колега, го смири темпото, чекаше кикс на Јунајтед, кој и тоа како грешеше на својата половина, но и покрај тоа, тој беше оној кој стигна до гол.

Впрочем никој од играчите на „црвените ѓаволи“ и не ја затресе мрежата, туку тоа го стори несреќниот играч за врска на Брајтон – Мекалистер, по многу несмасна реакција по корнерот кој го изведе Бруно Фернандеш.

Немаше ефикасност во нападот, немаше креативност во средниот ред, работите се сосема јасни, се уште е нешто гнило на „Олд Трафорд“. На Јунајтед му требаат засилувања, а за излез од кризата потребно е пред се да се создаде тимски дух, кој долго време отсуствува во екипата.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)