Нуредини: Нема да дозволиме увоз на РДФ додека не се обезбедат услови за соодветна контрола

„Деновиве разговарав и имав средби со пратениците по што дојдовме до заклучок дека на комисиската расправа заедно со пратениците ќе направиме измена за забрана на увозот на РДФ, бидејќи постои сомнеж дека не сме подготвени за соодветна имплементација на предвидената регулација.

Ова во изјава го порача министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини пред почетокот на собраниската комисиска расправа на пакетот закони за управување со отпад.

Тој потсетува дека денеска на второ комисиско читање во Собранието конечно се најдоа шесте долго најавувани закони од областа на управувањето со отпадот.

„Овие закони со кои ги транспонираме европските стандарди во управувањето со отпадот воведуваат јасни и финансиски обврски за сите производители на отпадни производи, воведуваат циркуларна економија, селекција и рециклирање, предвидуваат современ и строг регионален систем за управување со отпадот со минимално количество на депониран отпад. Овој пакет закони беше изработуван со години со помош на национални и странски експерти, е јавно достапен од 2019 година и беше консултиран на многу средби, на три официјални јавни расправи со физичко присуство на претставници на локалната самоуправа, комуналните претпријатија, стопанската комора, невладиниот сектор и граѓаните, чии коментари и предлози беа разгледувани и прифаќани и се исто така јавно објавени. Овие закони се можеби едни од најдолго и широко консултираните со јавноста, а јас не пропуштав да ги презентирам во речиси сите мои јавни настапи и гостувања, вели Нуредини.

Сепак, додава, деновиве во јавноста стана актуелно едно конкретно прашање во однос на увозот на отпадот што ги загрижува граѓаните.

„Би сакал да напоменам, дека предложената одредба е комплетно хармонизирана со ЕУ законодавството и Базелската конвенција, по кои всушност и ние самите, на пример, ги извезовме количините на винил-хлорид во ОХИС, или ќе го извезуваме линданот кој ќе започне да се чисти од следната недела. РДФ-от кој е единствено дозволен за увоз за користење како алтернативно гориво, е неопасен нерециклирачки комунален отпад, за кој има пропишано стандарди и кој емитува значително помалку емисии на СО2 и има поеколошки животен циклус од користењето на девствени ресурси, односно најчестиот мазут или петролкокс за што е замена. Затоа, во согласност со регулативата на ЕУ и принципите на циркуларна економија беше предвидена можност и за негов увоз, пред ние самите да почнеме да го создаваме од нашиот отпад. Меѓутоа, јас ја разбирам загриженоста на граѓаните за недоволната контрола и немањето на капацитет за редовна и темелна инспекција, порачува Нуредини.

Се надевам, посочува, дека што поскоро ќе можеме да ги применуваме овие закони кои требаше да бидат усвоени уште минатата година и конечно ќе започнеме со решавање на горливиот проблем со отпадот во нашата земја на современ и европски начин.