Обраќање на Пендаровски–за власта во согласност со државните интереси, опозицијата го бојкотираше

Пандемијата да се стави под контрола, како прв и најсериозен предизвик, а потоа да се пристапи кон реформи на целокупниот систем на кризниот менаџмент, и неотстапување од патот кон ЕУ за која нема алтернатива и покрај бугарското вето–беа главните поенти во годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски вчера во Собранието.

Само преку процесите на европеизација, кажа претседателот, можеме да станеме реална и просперитетна демократија во релативно краток временски период. Ќе учествуваме во сите регионални и континентални иницијативи, рече, само ако тие се комплементарни и не претставуваат замена за членството во Унијата.

„Членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите. За таквиот предлог дури нема потреба да се распишува референдум–затоа што резултатот ќе биде однапред познат“, истакна Пендаровски, кој за спорот со Бугарија не смета дека треба да има лидерска средба, зашто имаме институции со полн легалитет и легитимитет, ниту е потребна посебна седница на Парламентот за
утврдување на нашите црвени линии во разговорите со Софија затоа што, рече, ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик.

„За мене е несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна ги имаат утврдено оние кои ја направија оваа држава во 1944 година и тоа со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за
воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава“, истакна шефот на државата.

Зборувајќи од лично искуство, рече, во целокупниот македонски политички врв, и во власта и во опозицијата, не познава ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец.

„Затоа и предлагам, ова прашање да го тргнеме од дневно-политичката агенда и да не ја трошиме енергијата околу тоа“, порача Пендаровски.

Говорот тој го почна за состојбата со пандемијата и го заврши со апел граѓаните да се придржуваат до мерките за да дојдеме побргу до нормалата.

Изрази сочувство и им оддаде почит на над 2100 луѓе кои ја загубија битката со вирусот, како и благодарност до медицинскиот персонал и сите што се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата.

„Тие се вистинските херои на оваа 2020 која сосема неочекувано стана една од најтешките години од нашата независност“, истакна Пендаровски, според кого, покрај справувањето со пандемијата, како прв и најсериозен предизвик, не помал предизвик ќе биде, рече, и избегнување на долгорочните негативни последици од недовербата на граѓаните во институциите, но и во науката и струката, која се интензивираше во ковидкризата.

Пандемијата направи огромен притисок врз нашиот здравствен систем, но избегнавме колапс, рече претседателот, што веројатно ќе значеше поголем број жртви и заболени.

„Наша прва и најважна задача што нѐ очекува како држава, веднаш по ставањето под контрола на пандемијата е да направиме длабинска анализа за функционирањето на нашиот правен, политички и економски поредок во изминатава година, да извлечеме поуки и да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија, затоа што никој не знае дали некоја нова пандемија не нѐ чека веќе на следиот свиок на историјата“, рече Пендаровски и најави дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата што ќе придонесе за изработка на закони за воена и вонредна состојба и правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент.

Во обраќањето претседателот се осврна на годинашното зачленување во НАТО, пописот кој треба да биде кредибилен, како и на иселувањето на младите, нагласувајќи дека се потребни структурни промени во нашиот образовен систем со што Северна Македонија ќе се трансформира во стартап земја, во која се поддржуваат и промовираат иновациите и новите технологии.

Претседателот порача и дека да се постави на здрави темели правната држава не е прашање на техничка реформа на некоја од правосудните институции, туку егзистенцијално прашање за опстанокот на нашата држава.

А од правната држава, рече, директно зависат: економскиот развој, демократијата, конечно, и емиграцијата.

Премиерот Зоран Заев на Фејсбук оцени дека обраќањето на Пендаровски е одговорен пристап во согласност со државните интереси и придонес на нашите стратешки определби.

„Го поздравуваме фактот што со претседателот Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ, како и во пристапот за решенија за прашањата со Бугариј“а, напиша Заев, според кого од обраќањето на претседателот на државата е јасно дека делат заеднички став и едногласност дека нема преговори за македонските идентитетски прашања–јазикот и
националната припадност како Македонци.

Заев во објавата напиша и за придонесот на Пендаровски во борбата со коронавирусот во период кога немавме функционално Собрание, наведувајќи дека „го премости периодот до изборот на новата Влада, со што се создадоа и сите предуслови за решителен институционален одговор на здравствено-социјалната и економската криза“.

СДСМ и ДУИ со позитивни оценки за годишното обраќање на Пендаровски пред пратениците.

Според координаторите на пратеничките групи Јован Митрески и Арбер Адеми, шефот на државата се обратил во рамки на надлежностите на неговата функција и во линија на државните интереси.

„Од институцијата Претседател, сега, за разлика од претходно, навистина гледаме државнички пристап и единство за стратешките позиции, што е многу важно за нашата земја“, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, кој чинот на опозициските пратеници да ја напуштат седницата додека се обраќаше претседателот го оцени како неодговорно, антидржавно и деструктивно однесување.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала во која влегоа со транспаренти.

Потпретседателот на партијата Александар Николоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници му го свртеле грбот на Пендаровски поради тоа што тој му го свртел грбот на народот со тоа што, рече, ги поткопал темелите на македонската самобитност и идентитет и ги срушил македонските национални позиции во преговорите.

Според него, без елементарен доказ за обезбедено мнозинство, Пендаровски му го доделил мандатот на Заев и го ставил, како што рече, во привилегирана позиција за составување Влада, а обвини и дека самиот Пендаровски бил нелегитимно избран за претседател на државата.

„Докажа дека не е претседател на сите граѓани туку извршител на една политичка структура, извршител на Зоран Заев. Со тоа Стево Пендаровски сврте грб на македонските граѓани… Стево Пендаровски е прв којшто кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин, и ја отвори Пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата“, изјави Николоски.

Пратениците од опозициската коалиција Алијансата на Албанците и Алтернатива беа со став дека обраќањето на претседателот Пендаровски не се разликува од ставовите на Владата и на партиите кои се во мнозинство.

Според координаторот на пратеничката група Скендер Реџепи, тоа е најзабележливо во однос на ставовите за изборниот процес, справувањето со пандемијата и за лидерските средби.