Огромна рација во Германија, учествуваат над 10.000 полицајци

LinkSense.mk

Германската полиција изврши претрес во неколку десетици објакти на западот и северот на државата и уапси десет лица осомничени за перење пари и финансирање на терористчки организации.

Во акцијата, според соопштението на полицијата, учествуваат повеќе од 10.000 полицајци, меѓу кои се и припадници на специјалните единици.

Акцијата е извршена по налог на државното обвинителство во Диселдорф, кое води истрага против членови на таканаречената хавала – мрежа преку која, илегални пари од западна Европа, претежно од Германија и Холандија, се префрлаат на сметки во Сирија и Турција.

Вакви уплати во Германија се дозволени само преку контролирани банкарски мрежи, што не е случај со таканаречените хавала – трансакции. Трансферот на пари кој, како што јавува јавниот сервис ВДР, главно потекнува од криминални работи како што е криумчарење на дрога, се врши и преку таканаречен немонетарен пат, при што во Германија се купуваат големи количини злато кои потоа се пренесуваат во Турција и Сирија и таму се продаваат.

Материјалните трансфери се извршуваат и по пат на купување на товарни возила на западот на Европа, кои потоа со заработка се продаваат во Турција и на Блискиот Исток. Заради тоа, претресот бил насочен на неколку шпедитерски фирми во северна и западна Германија.

Германските власти до откривањето на мрежата дојдоа случајно минатата година при една сообраќајна контрола, во текот на која, во багажникот на автомобилот на еден Сириец и еден Германец кој преминал на ислам, биле пронајдени непријавени 300.000 евра.

Двајцата се обвинети дека со испрани пари помагале ќелии на Исламска држава во Сирија и, подоцна, припадници на екстремистичката група „Ал Нусра“. Но, најголемиот дел од нелегалните пари, како што јавува ВДР, служи за приватно богатење на поединци, а не финансирање на терористички групи.

 

 

 

(Фото: ЕПА)