Огромна санта мраз поголема од Лондон се откина од Антарктикот

LinkSense.mk

Санта мраз, со големина од 1.550 квадратни километри, се откина од ледениот гребен на Антарктикот во неделата, објави британската Организација за поларни истражувања БАС, додавајќи дека настанот не е предизвикан од климатските промени.

Големината на ледената формација е приближно колку Лондон со неговите предградија.

Истражувачите рекоа дека не веруваат дека климатските промени се одговорни за одвојувањето како кај некои случаи во изминатите години.

„Овој настан на ‘одвојување’ беше очекуван и е дел од природното однесување на ледениот гребен. Тоа не е поврзано со климатските промени“, рече глациологот од БАС, Доминик Хоџсон.

Пукнатината на ледената плоча, која истражувачите ја нарекоа „Часм-1“(Chasm-1), беше откриена пред неколку години и оттогаш се прошируваше додека парчето мраз конечно не се одвои.

Се очекува дека морска струја ќе го однесе ледениот брег, кој американскиот Национален центар за мраз треба да го именува, долж антарктичкиот брег, како што тоа се случи со претходните големи санти мраз.

Британските истражувачи на глечерите ќе продолжат да го набљудуваат ледениот брег.

Истражувачите минатата година како причина за отцепувањето на 1.200 квадратни километри големиот леден брег ги наведоа климатските промени, затоа што топењето на морскиот мраз значително се забрза поради повисоките температури.

БАС управува со истражувачка станица на ледениот гребен Брунт на Антарктикот. Организацијата ја премести станицата околу 20 километри во внатрешноста на земјата во 2016 година за да не биде загрозена од отцепување на големи ледени брегови, како оние што неодамна беа забележани.

Истражувачите остануваат во станицата за време на антарктичкото лето, кое трае од ноември до март, а остатокот од годината го поминуваат во британскиот универзитетски град Кембриџ, од каде што ја набљудуваат областа користејќи сателитски снимки, кои ги прават ЕСА и НАСА, европската и американската вселенска агенција, и германскиот сателит ТераСар – Х (TerraSAR – X).

Ледениот гребен Брунт, според БАС, е еден од најмногу набљудуваните ледени плочи на земјата.

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: УСА Тудеј – Твитер)