Одбележана годишнината од нападите во Париз

Стотици хартиени фенери осветлени во боите на француското знаме-црвена, бела и сина, запловија по Каналот Сен-Мартен во Париз додека насобраните луѓе во тишина го надгледуваа призорот организиран во знак на сеќавање на жртвите од нападите, кои пред точно една година ги извршија припадници на Исламска држава во француската престолнина, јавува АП.

Истовремено, во Богородишната црква во Париз се одржуваше свечена миса во знак на одбележување на годишнината од нападите во кои на 13 ноември лани беа убиени 130 луѓе.

Францускиот претседател Франсоа Оланд и градоначалничката Ен Идалго, по ист повод, открија две спомен плочи во концертната сала Батаклан, посветени на настраданите.

Во концертната сала со едноминутно молчење им беше оддадена почит на загинатите, а претходно беа прочитани имињата на 90 луѓе кои тогаш го загубија животот во Баталкан.