Одбележан 1 ви Март Денот на баталјонот на специјалните сили

LinkSense.mk

Денес во касарната „Илинден” министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со Заменик Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин присуствуваа на одбележување на 1ви Март Денот на баталјонот на специјалните сили.

„Вие сте првата единица која по членството во НАТО успешно го заврши процесот на оценување на борбена готовност и со тоа станавте првата единица која ги исполни строгите стандарди на НАТО во оценувањето на обученоста. Вие со вашите стекнати знаења и вештини сте пример за останатите ваши колеги од останатите единици, со што давате еден голем придонес во севкупната борбена готовност на Армијата на претстојните оценувања согласно НАТО стандардите ”- рече министерката Петровска.
Во своето обраќање Петровска додаде дека со формирањето на специјалните сили се означи и почетокот на професионализација на Армијата, која денес е целосно спроведена и секогаш подготвена да биде гаранција на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава.

На свеченоста пред припадниците се обрати и Заменик Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин кој порача дека Баталјонот на специјални сили е особено значаен не само за Армијата на Република Северна Македонија туку и за граѓаните затоа што претставуваат професионална армиска структура подготвена да одговори на сите современи безбедносни предизвици.

Командантот на Баталјонот на Специјални сили потполковник Оливер Зариовски упати ветување дека припадниците на единицата ќе продолжат да работат пожртвувано, ќе го одржат приматот да бидат секогаш први и ќе продолжат да бидат ѕвезда водилка за останатите единици.

Баталјонот за специјални сили е формиран во 1994 година и претставува прва армиска специјална единица. По повод одбележување на 1ви Март Денот на баталјонот на специјални сили беа доделени стимулативни мерки за припадници на единицата.