Од октомври редовна авиолинија за Минхен

Германската нискобуџетна авиокомпанија „Еуровингс“ од октомври годинава ќе почне да сообраќа на релацијата Скопје – Минхен.

Воздухоплов од типот „ербас“ А320-200, со капацитет од 174 седишта на оваа линија ќе лета двапати неделно, во вторник и петок.

„Скопје ќе стане една од нашите 150 дестинации и очекуваме да инвестираме повеќе во Македонија и во регионот во иднина“, рече Иван Ореч, директор за развој на мрежата на линии на „Еуровингс“.

Продажбата на билети за дестинацијата Скопје-Минхен почна на 15 март и е отворена на веб-страницата на авиокомпанијата.

„Македонските граѓани и сите наши патници од регионот ќе добијат дополнителна врска со Минхен, како и нови можности за европски и интерконтинентални конекции, благодарение на договорот меѓу „Луфтханза“ и компанијата-ќерка „Еуровингс“. Оваа линија е само почеток на успешна соработка, како и на инвестициите на „Еуровингс“ во Македонија“ изјави Алп Ер Тунга Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

„Еуровингс“ има седиште во Келн и е дел од групацијата „Луфтханза“. Лета до повеќе од 150 дестинации во над 40 земји во Европа, а позната е по добрата мрежа на маршрути до атрактивни туристички локации за одморање.

Нивните авиони сообраќаат и во повеќе земји од регионот, како Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Србија, Турција.