ОИК Куманово ги додели уверенијата за градоначалник и советници во Куманово

LinkSense.mk

– Општинската изборна комисија Куманово денеска ги додели уверенијата за градоначалник на Максим Димитриевски и на 33-те советници од различни политички партии и листи кои ја добија поддршката од граѓаните на неодамнешните локални избори.

Претседателката на ОИК Куманово, Бранкица Димковиќ им честиташе на избраните советници и градоначалник и ги повика да ги извршуваат задачите совесно и одговорно, согласно Уставот, законите и прописите.

-Ве повикувам со вашите иницијативи и предлози како градоначалник и советници да ја подобриме животната средина во општина Куманово, да ги подобрите сите сегменти од живеењето, култура, спорт, социјална заштита, образование-кажа Димковиќ.

По доделувањето на уверенијата се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски кој им посака успешна работа на избраните советници и рече дека очекува успешна работа во интерес на граѓаните.

-Очекувам без разлика на политичката или која било определеност дека ќе имаме успешна работа во следните четири години, бидејќи нашата заедничка цел е да работиме во интерес на граѓаните и градот. Сакаме да го видиме Куманово во уште поубаво светло и очекувам сите без разлика на убедувањата, бидејќи доаѓаме од Куманово да работиме исклучиво во интерес на кумановци и да го трансформираме градот во модерно и убаво место за живеење, рече Димитриевски.