Околу 90 бродови блокирани во украинските пристаништа

LinkSense.mk

Две агенции на Обединетите нации упатија повик за помош за околу 1.000 морнари блокирани на трговски бродови во украинските води.

Меѓународната поморска организација и Меѓународната организација на трудот предупредија дека ситуацијата „станува неодржлива“, наведувајќи ги ризиците од војната и недостигот на храна, гориво, свежа вода и други основни потреби.

Од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Лекари без граници и агенцијата за бегалци на ОН е побарано да помогнат во снабдувањето со бродови, се вели во заедничката изјава објавена вчера доцна вечерта.

Во повикот за помош се истакнува дека посебно се загрозени пловните објекти кои се наоѓаат во опколениот пристанишен град Мариупол.

Агенциите објавија дека до 30 март биле пријавени 86 трговски бродови блокирани во украинските пристаништа и води, со приближно 1.000 морнари на нив.

Во тек е воспоставување на безбеден поморски коридор во Црното и Азовското Море, соопштија двете агенции.

Меѓутоа, воспоставувањето на таков коридор сериозно е отежнато од моментните сигурносни ризици, кои ја ограничуваат можноста на бродовите да испловат од пристаништата во Украина.

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)