Оптимистичка прогноза на Европската агенција за лекови: Со „омикрон“ светот излегува од пандемија!?

LinkSense.mk

Новата варијанта на корона вирусот, „омикрон“, ќе го извади ковид-19 од фаза на пандемија, сметаат од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Европскиот регулатор за медикаменти посочи дека со ширењето на оваа варијанта корона вирусот ќе влезе во ендемска фаза, што во епидемиологијата се однесува на болест која се јавува и опстојува само во рамки на еден регион или една популација. Тој статус е сличен на оној кој сега го има грипот. ЕМА е на мислење дека светот ќе може да живее со таков вирус.

Истовремено, Агенцијата изрази сомнеж за давање на четврта доза од вакцината во такви услови. Овој став се заснова на фактот дека повторливото вбризгување на дози не претставува трајна стратегија.

Со зголемување на имунитетот кај населението, со ‘омикрон’, ќе има многу природен имунитет, заедно со оној стекнат со вакцинација. Брзо ќе дојдеме до сценарио кое ќе биде блиско на ендемска состојба“, порача шефот на вакциналната стратегија на Европската агенција за лекови, Марко Кавалери.

Сепак, додаде дека се уште не знае кога ќе излеземе од тунелот и потсети дека пандемијата се уште трае.

Вчера Светската здравствена организација стави до знаење дека во периодот што следи, за шест до осум недели, дури половина од граѓаните на Европската унија би можеле да бидат заразени со „омикрон“.