Османи: Граѓанскиот сектор мора да се вгради во преговорите

„Новата методологија на преговарачкиот процес наметнува поинаква форма на дијалог со земјите-членки, во кој т.н. политичко водство ја презема клучната улога. Во таа насока, нашата интеракција со престолнините на земјите-членки и Брисел ќе биде исклучително значајна и незаменлива, како систем на рано предупредување и антиципирање на предизвиците на самиот преговарачки процес. Во овој дел земјава треба да се потпре и на капацитетот на граѓанскиот сектор, кој мора да се вгради како составен дел на севкупниот капацитет за преговори“, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој денеска, во рамки на редовните брифинг состаноци со невладиниот сектор, оствари средба со претставници на повеќе тинк-тенк организации во земјава.

На средбата имаше размена на мислења за актуелностите кои ја диктираат надворешната политика на Македонија и беа споделени идеи за добрососедските односи и европското досие на земјава и во таа насока подготовката за предизвикот на преговорите, преговарачката рамка согласно новата методологија, подготовката на преговарачката структура и улогата на граѓанскиот сектор во овој процес.

Патем, се разговараше и за Преспа форум за дијалог како платформа и иницијатива која својата премиера ќе ја доживее со првата Конференција оваа година, на 1 и 2 јули, во Охрид и Отешево, преку која ќе се промовираме во активен контрибутор во градењето и зацврстувањето на регионалната соработка, стабилноста и добрососедските односи, а истовремено и како редок и успешен модел на функционално мултиетничко општество.