Османи се сретна со унгарскиот амбасадор во Македонија

LinkSense.mk

Македонија и Унгарија имаат одлични билатерални односи и плодна соработка и дека двете земји остануваат посветени на јакнењето на меѓусебните односи и продлабочување на соработката во сферите од заеднички интерес, било потенцирано на денешната средба на вицепремиерот Бујар Османи и унгарскиот амбасадор Ласло Дукс.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Османи се осврнал и на важноста на периодот во кој се наоѓа нашата земја на евроинтегративниот пат, во контекст на неодамнешната одлука на Европскиот совет за временската рамка од 12 месеци, или јуни 2019 година, за почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

При тоа тој потенцирал дека во периодот кој е пред нас, покрај самата подготовка за преговори, Владата има намера да го задржи и продлабочи позитивниот реформски импулс, и да испорача видливи резултати во делот на судството, безбедносните служби, јавната администрација, но притоа не запоставувајќи ја ни борбата против организираниот криминал и корупција и сите останати клучни области.

Во овој контекст додал дека од клучно значење за нас е подготовката за почетокот на преговорите со Европската Унија, при што огромно значење има искористувањето на искуството и експертизата на сите земји кои неодамна поминале низ овој процес, како што е Унгарија.

„Целта на овие реформи, но и на самите преговори, покрај членството во Унијата, се и придобивките од суштинската трансформација на земјата во европско демократско општество со функционална пазарна економија, ефикасни институции и професионална администрација, рече Османи, се наведува во соопштението.

Тој, како што се посочува, потенцирал и дека пристапните преговори се комплексен, обемен и масовен процес, во кој ќе биде потребен ангажман на целото општество.

Во оваа смисла, Османи изразил надеж дека континуираната поддршка на Унгарија за нашата земја, особено во овој клучен период ќе продолжи со ист интензитет.