Осомничениот за нападот во Берлин сакал да биде бомбаш самоубиец

Германските медиуми наведуваат дека осомничениот за нападот со камион во Берлин, Анис Амри (24) повеќе пати преку телефон зборувал дека сака да биде бомбаш самоубиец.

Во Германија во јавноста излегуваат се повеќе информации кои укажуваат дека во случајот со нападот на божикниот панаѓур имало пропусти во работата на безбедносните служби.

Така, магазинот „Фокус“ тврди, повикувајќи се на неименуван соработник на полицијата, дека криминалистичката служба (ЛКА) на покраината Северна Рајна Вестфалија со месеци знаела за плановите на Анис Амри да изврши терористички напад.

„Дер Шпигел“ цитира безбедносни извори кои велат дека Амри во разговор со екстремистичкиот „проповедник на омраза“ Абу Вали му понудил повеќе пати да изврши самоубиствен бомбачки напад.
Тој, наводно, прашувал каде може да набави оружје.

Полицискиот соработник тврди дека уште на 21 јули годинава им ги пријавил тие информации на ЛКА.
Претходно беше соопштено дека минатиот месец германската полиција го ставила Анис под присмотра, но заклучила дека нема доволно докази за да го уапси.

На вратите на камионот биле пронајдени негови отпечатоци од прстите, пренесуваат германските медиуми.

Братот на Тунижанецот осомничен за нападот во Берлин, Анис Амри, вчера го повика да и се предаде на полицијата, додека трае потрагата по него во повеќе европски земји.

„Го повикувам да се предаде на полицијата. Докажано е дека е вмешан во злосторството, ние се оградуваме од тоа“, изјави Абделкадер Амри на агенцијата Асошиејтед прес.

Роднините на Амри, кои живеат во неговиот роден град Тунис, се вознемириле после информациите дека тој е глевниот осомничен за нападот во понеделникот кога беа убиени 12, а потешко повредени 49 луѓе.

Медиумите јавуваат дека полицијата вчераутро спровела рации во Дортмунд, каде што Амри, кој вчера наполни 24 години, наводно повремено живеел, пренесува Би-Би-Си.

Станарите од една зграда го препознале од фотографиите, а според нивни зборови, Амри го минувал времето со Германец со српско потекло кој минатата година бил уапсен поради сомневање дека ја поддржувал Исламска држава.

Германските власти го сметале за потенцијална закана и пред нападот, а се обиделе и да го протераат од државата затоа што му било одбиено барањето за азил.

Би-Би-Си наведува дека Амри во почетокот на годинава бил под постојан надзор на полицијата поради сомнение дека планирал да изврши грабеж за да има пари за набавка на оружје, но дека надзорот бил прекинат поради недостаток на докази.

Пред доаѓањето во Германија минатата година, издржувал четиригодишна казна затвор поради подметнување на пожар во Италија.

Неговиот брат Абделкадер изјавил дека Амри можеби е радикализиран во италијанскиот затвор.

Германските власти издале налог за негово апсење и понудиле награда од 100.000 евра за информација која би довела до негово пронаоѓање и апсење, со предупредување дека може да биде вооружен и крајно опасен.