Осуда од МНР за палењето на бугарското знаме на Вевчанскиот карневал

– Министерството за надворешни работи го осуди палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани оценувајќи го како штетен по угледот на државата.
– Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само што го нарушува реномето на Карневалот туку и нанесува штета на угледот на Република Северна Македонија, се наведува на фејсбук-профилот на Министерството за надворешни работи.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, пак, на својот Фејсбук профил објави дека нивниот амбасадор во земјава Ангел Ангелов упатил остра вербална нота до македонското МНР по информациите дека е запалено бугарско знаме на Вевчанскиот карневал.

– По повод информациите за запалено бугарско знаме во селото Вевчани во Република Северна Македонија му порачав на бугарскиот амбасадор во Скопје да го искаже пред Владата на Република Северна Македонија, нашето силно несогласување со овој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вебрален демарш во Министерството за надворешни работи на РСМ, напиша Захарева на Фејсбук.