Откриени близу 40 килограми кокаин на Хоргош

Речиси 40 килограми кокаин пронајдено е при контрола на автомобил со албански регистерски таблички на граничниот премин Хоргош, на српско-унгарската граница.

Дрогата е пронајдена на излез од Србија при контрола на возило во кое биле тројца државјани на Албанија кои патувале кон Унгарија.

Во подот под седиштето на совозачот била забележана дополнителна метална плоча под која биле сместени шест паковки со дрога, а потоа во други делови од автомобилот биле пронајдени уште 41 паковки, со вкупна тежина од 39,4 килограми.

Полицијата ги привела тројцатата албански државјани и отворила истрага за утврдување на потеклото на кокаинот и крајната дестинација каде што требало да биде испорачан, но и евентуална вмешаност и на други лица во шверцот на дрогата.