Откупот на тутунот продолжува во понеделник, протестите во мирување, следниот петок нова средба

Откупот на тутунот ќе продолжи во понеделник, протестите се ставени во времено мирување. Ситуацијата ќе се следи до следниот петок, за кога е закажана следната средба на производителите и откупувачите со министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа.

Ова е договорено на денешниот работен состанок во Скопје меѓу.тутунопроизводителите и откупувачите со министерот Хоџа.

Тутунарите остануваат на барањето за реална проценка на родот и минимална откупна цена од 200 денари за килограм. Признаваат дека квалиететот е нешто послаб од претходните години, но не е, велат, и толку лош. Повторно укажаа дека откупувачите манипулираат со нив. Освен што повисоките класи ги ценеле помалку, им одбивале и за наводно најдени камења, круши, јаболка, стакла… во балите.

-Ги повикувам сите повереници од понеделник да се вратат на вагите и да ја тераат работата за која се ставени. Секоја кутија што нема да биде реално проценета, да биде тргната настрана, а ако проценителот не се согласува со проценката, да биде доставена до Второстепена комисија. Доколку одбитокот е поголем од пет осто и таа кутија да се тргне и веднаш да не известат нас и Инспекторатот, за да се види директно на терен зошто е тоа така, изјави претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнаровски.

Според Игор Мирчевски од Иницијативниот одбор на македонски тутунопроизводители,  револтот на тутунарите е огромен.

– Ако остане вака, ќе блокираме се. Можеби ќе изгубиме и ние, но ќе изгубат и тие. За да не се случи тоа, да не правиме Вухан во земјава, бараме да ни се плати маката. Ќе почекаме до петок, ќе видиме дали договореното ќе се почитува. Ако не, ќе реагираме и во вторник и во среда и во четврток, Не дојдовме тука за да не манипулираат. До петок нема да протестираме ама ако има проблем на пунктовите ќе реагираме. Да бидеме фер и ние и откупувачите. И ние да не манипулираме, да не ставаме лош тутун во добрите берби, но и тие да проценуваат реално. Ние сме професионалци, си ја знаеме работата. Да не дојде до тоа да ја оставиме мотиката и да влеземе во политика. Оставете не во земјоделството кај што ни е местото, изјави Мирчевски.

На тутунарите, додаде, во моментов им остануваат само субвенциите зашто од откупит не добиваат ништо.

-И нас не погоди корона кризата, и ние имаме дополнителни трошоци, за маски, за возила. Сфаќаме дека е полоша реколтата за нијанса, но не чека нова реколата. Ако вече има колач, тогаш да го изедеме сите заедно, по малку. Барем да ни дадат една коцка да се облажиме, рече Мирчевски.

Претседателот на Здружението на производители од Студеничани, Џевад Сали нагласи дека тутунот што вреди, се оценува класа подолу.

-Бараме реална проценка, поверениците да ги бранат интересите на производителите и да нема ограничувања што да носиме за откуп, од која берба. Тоа никогаш не било. Владата да не зема од нашиот труд и да пополнува други дупки, туку ако има средства нека ги обесштети сите, но не од наш труд, туку од свој капитал, истакна Сали.

Според министерот Хоџа, барањата на тутунарите се реални.

-Донесовме заеднички заклучок, од понеделник да продолжи откупот, поверениците да се вратат на вагите, вреднувањето на тутунот да биде како што треба, по Правилникот, а протетстите првремено нема да се одвиваат. Следниот петок ќе има дополнителен состанок во ист состав за да се види дали има подобрување во откупот. Врз основа на тие заклучоци, ќе одлучиме како ќе се одвиваат работите понатаму. Тутнарите бараат да се цени нивниот труд, односно тутунот според Правилникот објавен од МЗШВ. Годинава многу малку е откупен родот поради протетсите и нзадоволството на производителите. Ако лани до сега беа откупени 40 отсто, сега се преземени само 1,6 проценти и тоа е загрижувачки. Сепак, има позитивни сигнали, особено што од состанокот претставниците на Одборот на тутунари излегоа задоволни, а и штом се прекинуваат привремено протестите можеме да кажеме дека имаме првичен договор, изјави Хоџа.

Засега просечната цена на тутунот е 165 денари, но тоа, според министерот, не треба да се земе предвид зашто сепак се откупени само 1,6 отсто од вкупно предвидените 370 тони.

-Ако тутунот се вреднува како што треба и со цената нема да има проблем. Законски можности за укинување на четвртата класа има, но да му дадеме шанса на дијалогот, подвлече Хоџа.

Тој информира дека барањето за субвенции до 200 денари не е доставено до Министерството, но на производителите им е укажано дека Владата дава 30 милиони евра годипно за субвенционирање на тутунот или една третина од целиот буџет за субвенции.