ОЧЕКУВАНО: Апелација ја укина 8-годишната казна затвор на Мијалков за „Трезор“

LinkSense.mk

Не е „бомба“, а уште помалку е некакво големо изненадување. Тоа што со месеци се зборуваше низ Чаршијата и во судските кулоари и се случи. Апелациониот суд во Скопје донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите во случајот „Трезор“, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно постапување и одлучување пред Основниот кривичен суд Скопје.

Судењето против Сашо Мијалков, одметнатиот Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ ќе почне од почеток.

И судејќи според се – ќе застари.

Скопска Апелација денес извести дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-100/21, во јавноста познат како „Трезор“, по одржана јавна седница, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите С.М., Г.Г., Н.С. и Т.Ј., со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.

При разгледување на првичната пресуда, како што се додава во соопштението, Апелациониот суд Скопје констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.

Првично, во „Трезор“, Сашо Мијалков беше осуден на осум години затвор, Горан Грујовски на 15 години, Тони Јакимовски на 5 години, а исто толку доби и Небојша Стајковиќ.