Падна продажбата на Форд и Фијат Крајслер во САД

Автомобилите на Форд Моторс и Фиат Крајслер во март имаа досега најголем пад на продажбата и потфрлување во однос на проценката на аналитичарите од автомобилската индустрија.

Ниту големите попусти не успеаја да го спречат понирањето на продажбата на седан и компактните модели на возила.

Продажбата на Форд падна минатиот месец за 7,2 отсто, а на Фиат Крајслер за 4,6 проценти, известува агенцијата „Блумберг“.

Генерал Моторс (ГМ) регистрираше поголема продажба за 1,6 отсто, што е исто така помал пораст од проекциите на аналитичарите, додека Хонда Мотор неочекувано забележа помал промет.

Акциите на ГМ паднаа за 3,7 отсто, на 34,06 долари, на тргувањето во Њујорк вчера претпладне, а оние на Форд изгубија 2,9 отсто од вредноста, спуштајќи се на 11,30 долари.

Овие први показатели ги доведуваат во прашање проценките на експертите дека продажбата на целокупната американска автомобилска индустрија во март оваа година ќе биде поголема во однос на најслабиот месец во 2016 година, кога притисок на продажбата изврши пораното доаѓање на великденските празници.

Единствен поголем раст на продажбата на возила во март ја регистрираше компанијата Нисан Мотор, од 3,2 отсто, надминувајќи ги прогнозите на аналитичарите кои предвидуваа зголемување на испораката за 2,8 отсто.

Производителите на автомобили применуваат големи попусти во настојувањата да го намалат бројот на возила на лагер, кој се искачи на највисоко ниво во повеќе од десет години, наведува „Блумберг“.