Пад на турската лира поради инфлација и терористички напади

Турската лира вчера падна на рекордно низок курс во споредба со американскиот долар, што е објаснето со влијанието на неочекувано големиот раст на инфлација и небезбедната ситуација поради нападите на екстремистите.

Турската монета изгуби речиси 1,4 отсто од својата вредност, и падна под 3.60 во однос на доларот, после објавувањето на податоците за инфлацијата во декември 2016 година.

Според соопштението на Службата за статистика, цените во декември 2016 година пораснале за 1,34 отсто во однос на ноември, а за 8,35 отсто во однос на декември 2015-та, што е далеку повеќе од целта на Централната банка која беќе пет отсто.

Турското стопанство минува низ тежок период, со негативен стопански раст, пад на вредноста на домашната валута, додека бранот на вооружени напади го оптеретува туризмот како еден од клучните сектори во стопанството.

„Инфлацијата во декември беше полоша од очекувањата и по нашите проекции, инфлацијата би можела да достигне двоцифрена вредност во второто тромесечие во 2017 година, дури и ако домашната валута остане стабилна“, велат економските експерти.