Парадата за Денот на Ерусалим сепак ќе се одржи

Израелската полиција дозволи одржување на годишната парада по повод Денот на Ерусалим, со кој Израелците демонстрираат поседување на целиот спорен град, и покрај немири и растечките израелско-палестински тензии во градот во последните денови.

Парадата денеска треба да помине низ Стариот град Ерусалим, дел од источен Ерусалим кој Израел го окупираше и го анектира во Блискоисточната војна во 1967 година.

Прошетката е одобрена во екот на тековните судири меѓу полицијата и Палестинците во Стариот град, епицентарот на долготрајниот конфликт, и во блиската арапска населба каде еврејските доселеници се обидуваат да протераат десетици Палестинци од своите домови.

Вчера пред зори, неколку илјади муслимански верници повторно се судрија со полицијата пред вратата на комплексот на џамија Ал-Акса во Стариот град.