Парламентарни избори во Шпанија

Во Шпанија денеска се одржуваат парламентарни избори, но е неизвесно дали резултатите ќе бидат такви за да можат да донесат решение на политичката криза.

Како што оценува европскиот портал „Политико“, после изборите постои можност премиерот Педро Санчес и неговата Социјалистичка партија да се соочат со уште поголеми предизвици отколку сега.

Предизборните анкети зборуваат дека Социјалистичката партија повторно ќе ја однесе победата, но со помал или ист број на пратенички места во парламентот, односно со околу 120 од 350 места, така што нема да имаат мнозинство, пренесува Ројтерс.

Санчез заради тоа се соочува со ист проблем, да ги убеди другите партии за да го поддржат на функцијата премиер, што претходно не му поаѓаше од рака.

Претходно социјалистите веројатно би влегле во коалиција со левичарите од „Подемос“, но тие од априлските избори не се во добри односи, а и секако имаат мали шанси да освојат доволно места за да формираат влада, неведува Ројтерс.

На шпанската политичка сцена доминираат социјалистите и конзервативната Народна партија (ПП), но во изминатите неколку години тие се поделени поради финансиската криза и порастот на популарноста на партијата на крајната левица „Подемос“ и десничарската „Суидаданос“.

Дополнителни проблеми предизвикува и иницијативата на Каталонците за независност, како и тоа што партијата на крајната десница „Вокс“ прв пат влезе во парламентот на последните избори одржани во април.