Парламентарното мнозинство нема да гласа за предвремени избори, опозицијата бара нивно одржување

LinkSense.mk

Парламентарното мнозинство нема да гласа за предвремени избори, објави вчера СДСМ, оценувајќи дека се потврдило оти најавите за ново парламентарно мнозинство од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се несотварливи и паднале во вода. Мицкоски, пак, вчера на прес-конференција побара брзи предвремени парламентарни избори кои, според него, ќе овозможат формирање стабилна влада, способна да се соочи со предизвиците пред кои е исправена земјата. Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите од надвор за најавената оставка на Зоран Заев од премиерската функција и лидерската позиција на СДСМ.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, во меѓувреме рече дека сите членки на владината коалиција на координативната средба кај премиерот Зоран Заев во понеделникот потврдиле дека силно го поддржуваат сегашното парламентарно мнозинство и Влада и не се подготвени да поддржат друго. Тој нагласи дека смета оти нема да има предвремени избори, додавајќи дека ниту граѓаните, ниту државата имаат потреба од нешто такво.

СДСМ вчера информира дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.

– Христијан Мицкоски не може да направи парламентарно мнозинство, бидејќи има опасни планови за државата. Во име на гласовите на граѓаните кои ги освои владината коалиција кои се повеќе од гласовите на опозицијата, во име на нужноста земјата да продолжи напред во решавање на последиците од пандемијата и во соочување со енергетската криза, во име на потребата да ги вложиме сите напори да ги почнеме преговорите со ЕУ, ова парламентарно мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори, посочуваат од партијата.

СДСМ, коалицијата и демократското мнозинство граѓани, се нагласува во соопштението, нема на бранот на еуфоријата да му дадат на Мицкоски поголема власт од оваа која ја освои на локалните избори.

-На граѓаните им е потребна Влада која испорачува резултат, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада која има евроатлански курс на дејствување и која нема да го закочи евроинтегративниот процес. СДСМ и коалицијата нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништуваат Договорот од Преспа, да не втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да не внесат во конфликт и внатрешна омраза и да поништат сѐ што постигнавме заедно во овие четири години, се вели во денешното соопштение од СДСМ.

Шефот на дипломатијата Османи, пак, рече дека коалициските партнери потврдиле во понеделникот дека силно го поддржуваат сегашното парламентарно мнозинство и Влада и не се подготвени да поддржат друго.

– Треба прво да ги завршиме овие предизвици во кои се наоѓаме, па потоа може да зборуваме за политички натпревар. На евентуални, хипотетички избори, било да се тие предвремени или редовни, граѓаните ќе одлучат кој ќе ги застапува, додаде Османи.

Според него, најавената оставка на премиерот постави нов етички стандард во политика, што има рефлексија и во регионот.

– Но, мислам дека не е момент за поставување на стандарди и етика. Имаме пореални проблеми со посериозни последици од етаблирање на етички стандарди. Ја ценам и почитувам одлуката, но не е момент за таква одлука. Тоа е нашиот став, но и како министер за надворешни работи го делам ставот на МНР дека државата има потреба од предвидливост и стабилност, особено следните месеци, истакна Османи.

Тој потенцира дека актуелната Влада е формирана врз основа на политички договор направен пред една година и било непотребно, избрзано и погрешно, како што рече, претворањето на локалните избори во референдум. – Никој не може да биде сигурен дека ќе има решение во декември. Но, дека нема да има решение ако се дестабилизира Владата без сигурна алтернатива, тоа е сигурно. Ние во декември имаме прозорец со можности, мислиме имаме такви сигнали и предуслови дека можеме да најдеме решение за да ја одржиме првата меѓувладина конференција (со ЕУ) и треба да го искористиме овој момент. Ако тоа не се случи во декември, сигурно дека Албанија ќе се обиде да се одвои од пакетот, што ќе има други последици за нас, бидејќи ќе се создаде лажна перспектива дека европскиот процес продолжува, а Северна Македонија ќе остане изолирана и поледиците ќе ги чувствуваме сите нас. Затоа реков, во овие моменти ваквите решенија не треба да се одраз на лични емоции, додаде Османи.

Лидерот на ЛДП Горан Милевски, пак, вчера изјави дека до средината на следната недела ќе има некој искристализиран предлог за идниот мандатар на владата, а смета и дека за десетина дена можеби ќе има избор на нова влада. Милевски посочи дека во моментот коалициските партнери кои се дел од Владата имаат интензивни преговори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски вчера на прес-конференција побара брзи предвремени парламентарни избори кои, според него, ќе овозможат формирање стабилна влада способна да се соочи со предизвиците пред кои е исправена земјата.

Формирање ново парламентарно мнозинство, според него, нема да помогне во решавање на наталожените проблеми, туку само ќе доведе до преговори и разговори, и разводнување на капацитетот за управување на институциите и ќе креира погрешна слика која нема да ја пресликува волјата на народот изразена на изборите кои штотуку завршија.

-Затоа во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која оваа корумпирана Влада ја втурна. Брзи избори за кои нема да има алтернатива затоа што е потребна стабилна влада и наминување на кризите со кои ќе се соочиме, рече Мицкоски на денешната прес-конференција во партиското седиште.

Изборите, нагласи, се светло на крајот на тунелот и патот до промените кои, како што потенцира, само тогаш ќе бидат целосни.

-Брзите избори ќе треба да обезбедат влада која ќе спроведува политики кои ќе решаваат проблеми и ќе ја донесат новата иднина во која веруваме и за која се бориме. Воедно нова влада треба да ги релаксира и односите во општеството за да се стави крај на поделбите и конфликте и посеаната омраза која е во функција на заштита на криминалот, да се донесе правда и сигурност да зачекориме во подобри времиња иднина каква секој еден гражанин заслужува, рече Мицкоски.

Реакции за оставката на Заев

Во меѓувреме, не стивнаа реакциите од надвор за најавената оставка на Зоран Заев. Питер Ванхауте, белгискиот експерт кој беше посредник на ЕУ во постигнувањето на Пржинскиот договор оценува дека премиерот Зоран Заев избрзал со поднесување оставка на функцијата по неуспехот на локалните избори бидејќи претходно не се консултирал за тоа со коалициските партнери. Смета и дека исходот од изборите на едно ниво не треба да имаат влијание на друго ниво бидејќи локалната и централната власт се две јасно одвоени нивоа на управување.

-Иако добро го разбирам, ми звучи многу чудно што премиерот би решил да поднесе оставка поради разочарувачкиот исход на локалните избори. Во принцип, ова се две јасно одделени нивоа на управување. Исходите од изборите на едно ниво не треба да имаат влијание на друго ниво. Важно е двете нивоа да се одвојат, бидејќи на севкупната кохезија на политичкиот систем во земјата и е потребна стабилност и граѓаните треба да разберат дека политиката на едно ниво не треба да има моментално влијание на другото ниво. Замислете градоначалниците да поднесат оставки ако се разочарани од резултатот на националните избори. Дополнително, имам чувство дека одлуката на господинот Заев е донесена и јавно објавена пред да се постигне договор во неговата коалиција за ова. Како премиер, никогаш не треба да одлучите да поднесете оставка освен ако вашите коалициски партнери не се согласат со тоа, како и со следните чекори, односно кој ќе ве замени како премиер, наведува Ванхауте во статус на неговиот фејсбук профил.

Според него, во меѓувреме не се потребни предвремени избори, туку земјата да продолжи понатаму со фокусирање на националните приоритети како економски развој, подобрување на здравствениот, на образованиот систем и поддршка за развојот на перспективен земјоделски систем, и секако на надминување на спорот со Бугарија.

– Така што сите страни треба да ја стават како врвен приоритет промената на системот на клиентелизам. Да изградиме фер демократија, каде сите граѓани имаат еднакви права и еднаков пристап до услугите, а политичарите ќе бидат во служба на граѓаните. И да не чекаме утре или наредни избори, бидејќи ни избори нема да го сменат системот, туку да почнеме да работиме на ова сега, порачува Ванхауте.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис рече дека враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување на ЕУ.

За време на заедничката седница на комисиите за европски и надворешни прашања во грчкиот Парламент, на која министерот за надворешни работи на Словенија Анже Логар говореше за приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ, Варвициотис, во неговото обраќање, изрази загриженост за случувањата кај нас и истакна дека правилното спроведување на Договорот од Преспа е еден од предусловите во преговарачката рамка.

-Морам да го признам следното: многу нѐ загрижуваат случувањата во Северна Македонија. Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување. Бидејќи еден од цврстите предуслови што се поставени во преговарачката рамка е доследно и правилно спроведување на сите одредби од Договорот од Преспа. И неопходно е, оваа порака, денеска, од сите нас да биде испратена до нашите соседи кои се наоѓаат во политичка бура, рече Варвициотис .

Шефот на словенечката дипломатија, Анже Логар во однос на првата меѓувладина седница на ЕУ со Северна Македонија и Албанија рече дека „ситуацијата е тешка“, објаснувајќи дека 27 земји се согласија, а една земја членка која има одредени резерви нема функционална Влада, поради владината криза, „па така, Претседателството нема соговорник од таа страна за да преговара за прашањето“.

-Ако не можеш да разговараш, не можеш да најдеш решение. Имаме некои позитивни знаци од Бугарија за во следните месеци. Но, претпоставувам дека ќе биде невозможно за време на словенечкото претседателство да има напредок во прашањето, а тоа не е поради недостиг на наши иницијативи или недостиг на наши амбиции, туку поради ceteris paribus, рече Логар.

Преземањето одговорност за изборниот неуспех на премиерот Зоран Заев е случај без преседан во регионот. Освен што овој чин на Заев може или треба да послужи како пример за многу политичари во регионот, аналитичарите и познавачите на состојбите на Балканот со голема загриженост ја примија оваа вест, со оглед на тоа што Заев им припаѓаше на ретките прогресивни политичари во овој дел од Европа, оценува сараевскиот порталот Стартбих.ба.

Поранешен министер за надворешни работи на БиХ и долгогодишен претседател на Социјалдемократската партија (СДП), Златко Лагумџија во изјава за Стартбих.ба оценува дека премиерот Заев ја доживеа судбината што вообичаено ја доживуваат реформаторите во регионот.

„Јутарњи лист“ коментирајќи ја оставката на премиерот Зоран Заев по одржаниот втор круг локални избори во неделата, оценува дека Европската Унија изневери многу држави, но една речиси уништи. Неспорно е дека за евентуални нови тензии во државата и политичката нестабилност одговорноста ја сноси и Европската Унија.

Весникот наведува дека ЕУ веќе два дена не реагира на новонастанатата ситуација во Северна Македонија. – Може да се разбере и ставот дека не коментираат резултати од избори, особено локални. Но оставката на премиерот ја менува целокупната политичка ситуација не само во Македонија, туку и пошироко, пишува „Јутарњи“.