Пендаровски – Вархеји: Извештајот дава поттик за натамошно интензивирање на реформите и е чекор кон формален почеток на пристапните преговори со ЕУ

– Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји кој му го предаде Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година.при што двајцата разменија мислења за клучните наоди во објавениот извештај.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, заблагодарувајќи се за ангажманот на комесарот Вархеји и неговата цврста поддршка на перспективата за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Пендаровски истакна дека Извештајот дава детален приказ на состојбите во државата и степенот на реализација на реформите. Според претседателот Пендаровски,се посочува, извештајот на Комисијата дава поттик за натамошно интензивирање на реформската агенда во сите сфери посочени во документот и претставува чекор кон формален почеток на пристапните преговори за членство за време на германското претседателство со ЕУ, до крајот на годината.

Претседателот Пендаровски го поздрави претставениот Економски и инвестициски план за Западниот Балкан, што, нагласил, има за цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, што е дополнително отежнато поради пандемијата од КОВИД-19, а во функција на забрзување на интеграцијата во Европската Унија. Со претставениот план, според претседателот Пендаровски, се потврдува дека иднината на целиот регион е во Европската Унија, а Брисел јасно демонстрира дека регионот е нејзин геостратешки приоритет, стои во соопштението.