Пендаровски: Историскиот континуитет на македонскиот јазик е неспорен

Претседателот Стево Пендаровски преку видеопорака се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што оваа година поради пандемијата на КОВИД-19 се одржува дигитално.

Оваа летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја организираме во несекојдневни услови, посочува претседателот Пендаровски, додавајќи дека поради пандемијата на КОВИД-19 не можат да бидат заедно на брегот на Охридското Езеро што било инспирација за словенските просветители св. Климент и Наум Охридски и македонските преродбеници Миладиновци, Прличев и Шапкарев.

Меѓутоа, нагласува претседателот Пендаровски, ме радува што ниту пандемијата не нè спречува барем виртуелно да ја продолжиме традицијата на Меѓународниот семинар.

А да продолжиме, истакнува тој, е особено важно, и тоа најмалку од неколку причини.

Прва причина, според Пендаровски, е одбележувањето значајни јубилеи, меѓу кои и 75-годишнината од објавувањето на македонската азбука и правопис.

„Во 1945-та го заокруживме процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик. Со тоа македонскиот стана јазик на образованието, науката и уметноста не само во Република Северна Македонија, туку и на универзитетските катедри и лекторати во Европа и светот. Иако поради неповолната општествено-историска и политичка ситуација, македонскиот јазик е релативно доцна стандардизиран, неговиот историски континуитет е неспорен. Неговата долга усна и писмена традиција и богатството од дијалекти е одамна апсолвирано прашање во светската лингвистичка наука“, вели Пендаровски.

Сепак, наведува шефот на државата, повторно сведочиме на една анахрона реторика на оспорување на засебноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик.

„Затоа ни е потребен соодветен научен и аргументиран одговор, кој се разбира дека го поседуваме. Токму во таа насока се и четирите тома за македонскиот јазик што неодамна ги објавија Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик“, нагласи Пендаровски.

И луѓето и настаните што ги чествуваме годинава, додаде тој, се потврда на континуитетот на македонскиот јазик.

Во 1920 година почина народниот раскажувач Марко Цепенков, а истата година е роден еден друг раскажувач–писателот Славко Јаневски, кој се смета за автор на првиот објавен роман на стандарден македонски јазик, потсети шефот на државата.

„Годинава одбележуваме и еден век од раѓањето на основоположникот на македонската дијалектологија Божидар Видоески. Тој го втемели овој меѓународен семинар како креативна заедница во која досега учествувале над 5 000 учесници од над 60 земји, кои имале прилика одблиску да се запознаат со македонскиот јазик и неговите специфики. Оваа исклучително важна меѓународна манифестација имаше и има голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет. Затоа почитувани, вашето учество на овој дигитален семинар и желбата да научите повеќе за македонскиот јазик и култура го разбираме не само како ваша посветеност кон научната вистина, туку и како чин на солидарност со македонските слависти и македонисти. И за тоа сум ви навистина благодарен“, вели во обраќањето претседателот Пендаровски.

На учесниците Пендаровски им посака плодна работа, инспиративни дискусии, продлабочена соработка и пријателства.