Пендаровски: Неопходно е поголемо разбирање за проблемите на лицата со инвалидност

Под мотото „Да градиме подобра поддршка: за лицата со попреченост–инклузивен, пристапен и одржлив свет пост Ковид-19“ денеска во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ беше одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

На одбележувањето присуствуваше и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој во оваа прилика посочи дека покрај мерките на институциите коишто се најважни во моментов, потребна е и поголема индивидуална одговорност.

Претседателот на Националниот Совет на инвалидски организации и претседател на Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република С. Македонија, Томица Стојановски во своето обраќање истакна дека одбележувањето на 3 Декември–Меѓународен ден на лицата со попреченост започна во 1992 година, со резолуција број 47/3 донесена на генералното Собрание на Обединети Нации.

„Активностите за одбележување на овој ден имаат за цел да го промовираат разбирањето за проблемите на лицата со инвалидност и да мобилизираат поддршка за достоинство, правда, и благосостојба на овие лица“, рече Стојановски.

Одбележувањето на денот, како што посочи тој, нуди можност да се поттикнат промени во ставовите кон лицата со инвалидност и да се отстранат бариерите за нивно целосно учество во сите аспекти на животот.

„Ништо за нас, без нас е препознатлив акроним на лицата со инвалидност за еднаков и достоинствен живот со кој националните инвалидски организации се обидуваат да ја зголемат свеста за придобивките што произлегуваат од интеграцијата на лицата со инвалидност во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нашата држава“, додаде Стојановски.

Претседателот Стево Пендаровски посочи дека нашата земја пред речиси една деценија ја ратификуваше Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост и истакна дека како држава и натаму заостануваме со нејзина целосна и доследна имплементација.

Тој додаде дека крајно време е да се имплементираат одредбите на Конвенцијата,
особено членовите 5 и 9, односно, правата на пристапност и на еднаквост и недискриминација.

„Потребно е надлежните институции со директна поддршка и вклученост  на претставниците од организациите на лицата со попреченост, поефективно да пристапат кон имплементација на споменатите членови.  Исто така, неопходно е лицата со попреченост и нивните организации да бидат вклучени во мониторингот, во надзорот над имплементација на Конвенцијата, при што мора да се изнајдат соодветни модалитети за вашето учество во мониторингот за тој да не биде само формалност“,
потенцираше претседателот Пендаровски.

Во услови на пандемијата на Ковид-19, најзагрозени се најранливите категории наши сограѓани, на коишто им е потребна поддршка, солидарност и грижа.

Во таа насока, заклучи претседателот Пендаровски, „покрај институционалните мерки кои се најважни во моментов, потребна е и зголемена индивидуална одговорност и ангажман на секој наш граѓанин.

Сите ние како поединци можеме да придонесеме со нашето однесување, проактивност и одговорност“.

На средбата, претставниците на НСИОМ на претседателот Пендаровски му ги укажаа проблемите и предизвиците со коишто секојдневно се соочуваат.

Пред се, ја посочија непристапноста на објектите, недостапноста до образованието, невработеноста на лицата со попреченост, ниските надоместоци од државата, недостиг на соодветни помагала.

Во рамки на подобрување на дел од состојбите со кои што се соочуваат лицата со попреченост, Пендаровски искажа ветување дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за градба доколку во него не се имплементирани главните сугестии на лицата со попреченост, а коишто предвидуваат новите објекти да бидат пристапни за лица со попреченост.