Пендаровски ќе учествува на Процесот Брдо-Бриони во Словенија

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, денес ќе престојува во еднодневна работна посета на Словенија, по повод учеството на јубилејниот, десетти по ред, состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

Домаќин на состанокот којшто се одржува во Брдо кај Крањ, е претседателот на Словенија, Борут Пахор.

На состанокот ќе учествуваат претседателот на Албанија, Илир Мета, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Словенија, Борут Пахор, претседателите на Србија и Хрватска, Александар Вучиќ и Зоран Милановиќ и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

По завршувањето на состанокот, лидерите ќе усвојат финални заклучоци во однос на неколку клучни теми, како што се процесот на проширување на Европската унија, справувањето со последиците од пандемијата на КОВИД-19, економското закрепнување на регионот на Западен Балкан…

Во рамки на учеството на Процесот Брдо-Бриони, предвидено е Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби со претседателите од регионот.

 

(Фото: МИА)