Петровска: Безбедноста на Европа и регионот е приоритет, во таа насока ќе се развиваат сите понатамошни одлуки

LinkSense.mk

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изминатите два дена во Брисел за првпат учествуваше на министерски состанок за одбрана на НАТО, што беше во најголем дел посветен на тензиите со Русија и безбедносните ризици за Европа.

Министерката повтори дека заедничката порака во НАТО е порака на деескалација и дека од Москва се очекуваат конкретни сигнали во таа насока. И покрај безбедносните тензии на континентот, Петровска уверува дека нема простор за страв и дека Северна Македонија е безбедна.

Министерке, добредојдовте на првиот министерски состанок во НАТО откако сте на оваа функција. Доаѓате во Брисел на министерски состанок за одбрана во време на една од најголемите безбедносни кризи во Европа. Прво како го доживеавте овој состанок, што се кажа, кои беа главните пораки и кои се пораките кои вие сега треба да ги пренесете до македонската јавност?

– Она што е многу важно во вакви ситуации кога интересот се разбира е многу оправдан за случувањата во и околу Украина, многу е битно политичките пораки кога ќе бидат испратени да бидат пораки на смирување пред сѐ, но исто така и пораки кои ќе упатуваат на деескалација на состојбите. Тоа е клучната и прва порака околу која практично сите се обединивме и се согласивме дека тоа е многу потребно. Се разбира дека НАТО како политичко-воен сојуз, освен пораките на одвраќање и одбрана на сопствената територија, мора да ги испрати овие пораки за да се даде шанса, односно се оди кон дипломатско решавање на кризата. И во таа насока генерално се одвиваа и дискусиите на состанокот и се разбира и финалната порака ја пративме во таа насока.

Значи може ли да се каже дека е постигнат навистина консензус помеѓу 30-те земји членки кој е порака на дипломатски напори и деескалација?

– Апсолутно, да. Тоа е она околу што се обединивме и го содржи во заедничката изјава на министрите за одбрана на НАТО земјите членки, дека даваме шанса на дипломатските напори, кои изминатиов период сме сведоци дека навистина ги имаше во голем број од високи претставници на најмоќните земји членки, беа во билатерални посети на Руската Федерација, сѐ со една единствена цел, да се деескалира целата состојба.

Истовремено генералниот секретар и лидери на моќни држави велат дека не веруваат во руските пораки и напори за деескалација. Кои се вашите информации од терен, разузнавачки, кои информации ги добивте тука, дали навистина тоа што го прави Русија на терен е повлекување, дали навистина Русија сака деескалација или дали треба да останеме загрижени дека во секое време може да се влоши?

– Политички секако дека ги поздравуваме изјавите дека и Руската Федерација која објави дека ќе повлекува дел од своите трупи, но тоа велам политички ги поздравивме, и тоа е за поздравување и теоретски веројатно води кон чекор на деескалација на состојбата. Но она што за нас е многу битно е да видиме и на терен поместувања во таа насока. Информациите кои по официјалните канали на НАТО структурите, од разузнавачките заедници, се добиваат е дека на терен не е видливо, тие зборови не се пресликани на терен. Така што поприлично внимателно ја следиме состојбата.

Генералниот секретар на НАТО спомна „ново нормално“. Што е тоа „ново нормално“? Дали треба Европа од сега натаму да живее во страв од можна нова ескалација, можен нов конфликт, дали се менува таа безбедносна архитектура на европскиот континент? Што сакаше да каже и дали ви го спомна за време на состанокот тоа „ново нормално“?

– Европскиот континент и генерално евроатлантската област се постојано изложени на различен вид на закани. Дали станува збор за закани од тероризам, дали станува збор за хибридни закани, постојано нешто се случува, и постојано има некаков притисок. Тоа дава мотив повеќе за институциите, особено за воено-политичкиот сојуз НАТО алијансата, постојано да ги унапредува своите одбранбени механизми во секој поглед, односно да се справува и да се соочува со сите овие предизвици. Состојбата не е нималку релаксирана со оглед на развојот на настаните, но тоа не значи дека треба да ни влее страв. Она што е важното правило, и тоа е втората точка околу којашто сите се согласивме, е дека НАТО е обединет воено-политички сојуз, кој дејствува обединето, и она што е многу побитно, се заложивме сите за принципот дека една земја ако се чувствува загрозено, тогаш следува реакција на НАТО. Повторно ќе кажам, дискусиите одеа во насока на деескалација на состојбата, не размислувавме за некои друг тип на ангажман, но се разбира дека како сериозни земји членки на Алијансата имаме обврска да ја гарантираме безбедноста на територијата на НАТО.

Една од главните пораки што ги слушнавме од генералниот секретар е дека НАТО сака да ја засили безбедноста на истокот и на југоистокот на Европа. Знаеме дека Романија е подготвена да прими нови борбени групи коишто ќе бидат предводени од Франција. Спомна и други земји, но не ги именуваше. Дали можеби вие можете да споделите повеќе информации? Има ли други земји во тој регион, југоисточен, блиску до Северна Македонија, коишто би примиле дополнителни борбени групи?

– Треба да се има предвид дека сепак дискусиите што се водеа во овој формат на министри за одбрана повеќе тежнеат кон политички дебати. Распоредувањето на силите е веќе нешто што влегува во оперативно-тактичката поставеност на силите. И во таа насока дискусиите се одвиваа на политичките елементи односно како и на кој начин би можеле да одиме кон деескалација на целата состојба. Распоредувањето на трупите на НАТО долж границата не е нешто што започнува од сега, напротив тоа е дел од политика на одвраќање и одбрана која НАТО постојано ја прокламира. За што впрочем на Самитот во Варшава во 2016 е донесена првичната одлука, кога впрочем започнува распоредувањето како показател дека ја следиме состојбата долж таа граница.

Дали на овој состанок добивте информации дали некои поединечно се чувствуваат посебно загрозени од Русија, што евентуално би можело да доведе до активирање на членот пет?

– Солидарноста на НАТО кажува дека ако една земја се чувствува загрозена, тогаш сите се чувствуваме загрозени и тоа е принципот за којшто сите ние се согласивме, со кој практично сакаме да им кажеме на оние држави кои се наоѓаат географски на источната граница дека треба да се чувствуваат безбедни, затоа што во овој случај се активира солидарноста кај сите земји членки и дејствуваме заедно и обединето.

Но, конкретно не можете да ни укажете дали поединечна земја е посебно загрижена?

– Безбедносните проценки се навистина сензитивни информации и материјали и се прават во рамките на НАТО структурите, но ние како политичко тело ја имаме обврската која веќе ја исполнивме и ја пративме пораката на солидарност и обединетост.

Срцето на спорот помеѓу НАТО и Русија знаеме дека е желбата на Украина, и на Грузија, да станат земји членки на НАТО, секоја земја членка си има свој став за тоа дали е изводливо или не. Германија вели дека во догледно време не е возможно. НАТО инсистира дека секоја земја треба суверено да може да одлучува дали сака да аплицира. Дали Северна Македонија има став за евентуално членство на Украина некогаш, и на Грузија впрочем?

– Во дискусиите сите ја потенциравме политиката на отворени врати на НАТО, односно дека секоја земја која прво ќе одлучи самостојно дека сака да биде земја членка на НАТО, вратите и се отворени во оној момент кога самата ќе ја произнесе таа иницијатива или барање да биде земја членка на НАТО, и второ ќе ги исполни условите кои се потребни. Тоа е нешто што уште на Букурешкиот самит во 2008 беше соопштено. Република Северна Македонија во тоа време ја изрази својата подготвеност, со исполнувањето на критериумите ние станавме земја членка. Истиот тој принцип е задржан и за Грузија и за Украина, односно важат тие принципи на отворени врати.

Дали Северна Македонија на било каков начин може да биде загрозена безбедносно доколку се влоши ситуацијата на европскиот континент и на истокот на Европа? Каква е безбедносната состојба?

– Безбедносната состојба во Република Северна Македонија е стабилна и тоа е нешто што го потврдуваат институциите што се задолжени за внатрешната безбедност. Се разбира дека сите надворешни влијанија, без оглед дали станува збор за руско-украинската или други влијанија генерално во светот, службите во рамките на своите надлежности ги следат. Впрочем раното предупредување е дел од нивните задачи во координација со сите служби и сите институции кои се задолжени за безбедноста на државата се носат соодветни одлуки. Во овој момент она што е став е дека нема потреба од загриженост и дека состојбата е стабилна и безбедна.

Дали Република Северна Македонија во случај на влошување и санкции против Русија од страна на НАТО и ЕУ ќе се придружи кон тие санкции?

– Она што е многу битно е да бидеме свесни дека како земја членка на НАТО Алијансата учествуваме во процесот на носењето на одлуки и во тие формати го искажуваме нашиот став. Се разбира дека за сите идни чекори кои би ги преземале во зависност од развојот на настаните ќе следи пред сѐ координација внатре на политичкиот врв врз основа на што ќе изградиме и став на државата и подоцна тој став ќе биде соопштен во соодветните формати на дејствување на НАТО.

Држи Северна Македонија до добри односи со Русија? Важни се тие трговски односи со Русија?

– За Република Северна Македонија, односите со сите држави се важни и ние отсекогаш сме го практикувале тоа и сме воспоставувале добри односи и политички и економски со сите држави. Но, она за што ние цврсто се залагаме е безбедноста на Европа и регионот и тоа е нешто што за нас е приоритет. Во таа насока ќе се развиваат сите понатамошни одлуки. Се разбира, одлуките не треба и не смеат да бидат ниту избрзани, ниту носени врз основа на лични ставови на поединци, но треба да бидат носени во рамките на дебатите кои постојат во политичкиот врв.

И за крај околу дискусиите за буџетот, зголемувањето на стапката на буџетот за одбрана како што е ветено во 2014 и модернизацијата на армијата. Кои пораки ги пренесовте до сојузниците? До каде е Северна Македонија во исполнувањето на овие цели?

– Целта е до 2024 да имаме два проценти од бруто домашниот производ средства одвоени за буџетот на одбраната, но многу е важно да знаат граѓаните дека тоа се средства кои се одвојуваат за нашата одбрана. Тоа значи дека со тие средства ќе се продолжи континураниот процес на модернизација и управување на македонската армија, вклучително и вложување во развојот на човечките ресурси. Целта е кога сме веќе членка на НАТО, да имаме армија којашто ќе може да се справува со предизвиците кои и претстојат на оваа Алијанса. Изминатиот период, тој процент на зголемување на буџетот навистина растеше и таа стапка на растење ќе продолжи и во иднина. Консекутивното зголемување на буџетот доведе до тоа оваа година да имаме 1,77 проценти од БДП кој е одвоен за буџет за армијата и повторно ќе кажам тоа се средства кои преку разни проекти и набавки ги инвестираме во одбраната.

Тоа значи подобра состојба за нашата армија?

– Апсолутно. Подобра опременост, но повторно ќе кажам се инвестира и во човечките ресурси, затоа што опремата е добро да ја имате, но уште поважно е да инвестирате во човечките ресурси.

 

ИЗВОР: МИА