Петровска: САД се наш долгогодишен стратешки партнер, соработката ќе ја интензивираме

LinkSense.mk

САД се наш долгогодишен стратешки партнер со кои градиме политика на взаемна доверба, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која брифираше за неколку клучни поенти од нејзината посета на Вашингтон.

Сесијата која таму се одржала, како што информира, била посветена на одбрана и безбедност со две поттеми – развој на способности и вежби за капцаитетите на Армијата и сајбер заштита.

Министерката информира дека од взамниот разговор со САД што го имале биле донесени неколку заклучоци, меѓу кои бил констатиран напредокот на Република Северна Македонија по однос на реформите и процесите за спроведување на НАТО целите за способности. Таму било оценето дека се работи за квалитетни реформи.

Двете страни како стратешки партнери се обврзале за заедничка соработка за обуки, вежби, но и инвестиции.

„САД го верификуваат она што досега е постигнато во однос на модернизација на Армијата. Се донесе одлука за дополнителни 20 милиони долари преку една од програмите за поддршка и дополнително уште 10 милиони долари. Тие финансиски средства ќе бидат за оние проекти кои веќе се отпочнати и значат дополнително јакнење на капацитетите на нашата Армија, информира Петровска.

Таа потврди оти е најавено во јули дека ќе пристигнат првите шест JLTV возила за Армијата на Северна Македонија.

Министерката исто се осврна и на буџетот за одбраната, за што кажа дека ќе биде стабилен и за следната година ќе се достигнат планираните проценти од БДП.

„Ќе се издвојат повеќе од 20 отсто од вкупниот буџет за одбраната за опремување и одржување на континуитетот. Не е само да го имаме буџетот како вкупна бројка туку да направиме правилна распределба, рече Петровска.

Таа посочи дека во Министерството за одбрана се усвоени долгорочни планови за развој на способностите на Армијата, градење капацитети, а тие документи се проследени со акциски планови.

„Република Северна Македонија, особено Армијата и Министерството за одбрана мора во континуитет да ги следат процесите или измените кои настануваат во општеството и во светот. Ние сме земја членка на НАТО и како тоа дополнително би рекла имаме задача да се однесуваме како достојна членка на Алијансата, рече Петровска.

Во однос на градење на капацитетите, министерката смета дека тоа е клучно нешто на кое се посветува големо внимание.

Таа говореше и за капацитетот на Криволак, кој, како што кажа, подолго време се развива со сопствени капацитети. Според неа, тој претставува една од клучните задачи или мисии на МО за претстојниот период. Во тек, како што соопшти, е акциски план за тоа како ќе се развива центарот Криволак за да ги задоволи националните потреби на нашата Армија.

Во однос на сајбер безбедноста, Петровска вели дека ја добиваме поддршката од САД преку програмите и проектите кои се веќе во тек и се долгорочни, и најави оти истите ќе продолжат. 4 ипол милиони долари се обезбедуваат за продолжување на овие проекти.

„Соработката со САД ќе продолжи и ќе биде интензивирана уште повеќе, заклучи Петровска.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки го поздрави претставувањето на министерката, но нагласи оти истото претставува дефокусирање од главниот проблем – неуспехот да се отпочнат преговори со ЕУ.

„Ова е свесно манипулирање и дефокусирање од главниот проблем – неуспехот да се отпочнат преговори со ЕУ, рече Ковачки, апелирајќи до владејачкото мнозинство да ја поканат министерката на друга средба, на која би добиле како Комисија информации во врска со случувањата во Источна Европа, за руската агресија врз Украина и за нашата поддршка на Алијансата во тој сегмент.

Министерката Петровска, пак, апелираше кога се зборува за одбраната и безбедноста, дневната политика да се тргне на страна.