Потрошувачите во еврозоната сè повеќе користат дигитални средства за плаќање, но готовинските средства сè уште играат важна улога, покажува новото истражување на Европската централна банка (ЕЦБ).
За првпат од 2016 година, откако се следат податоците за ставовите на потрошувачите кон плаќањата, оваа година картичките се користеле малку почесто од готовите пари на физичките продажни места, како што се продавниците.
Истражувањето покажа дека оваа година картичките учествувале со 45 отсто во трансакциите, готовите пари со 44 отсто, додека уделите на плаќањата преку мобилни уреди изнесувале девет отсто.
ЕЦБ, исто така, објави дека при плаќање во продавници, 54 отсто од потрошувачите во еврозоната претпочитаат картички или други безготовински начини на плаќање, 22 отсто избираат готовина, а 23 отсто немаат јасна претпочитаност кон ниту еден конкретен начин на плаќање.
Големо мнозинство од испитаниците во еврозоната – монетарната унија составена од 21 земја-членка на ЕУ кои го користат еврото – сметаат дека е важно да се задржи можноста за избор на начин на плаќање.
Така, 82 отсто од анкетираните изјавиле дека им е важно да можат да плаќаат дигитално, а 62 отсто ја ценат можноста за плаќање со готовина. Само три отсто изјавиле дека никогаш не користат готовина, се наведува во истражувањето.
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, оцени дека дигиталните средства за плаќање стануваат сè поважни во секојдневните трансакции, но дека за Европејците најважна е, всушност, можноста за избор.
„ЕЦБ ќе продолжи да се грижи граѓаните да имаат слобода при плаќањето, преку заштита на готовите пари, истовремено подготвувајќи се за можното издавање на нивниот дигитален еквивалент – дигиталното евро“, изјави Чиполоне.
Поголемиот дел од анкетираните потрошувачи во истражувањето наведоа дека сè уште е лесно да се дојде до готовина, иако нивниот удел се намалил од 87 на 85 отсто.
Истовремено, меѓу оние што се обиделе да подигнат готовина од банкомат во текот на претходната година, 19 отсто изјавиле дека наишле на потешкотии.
Во сите земји од еврозоната, најмалку 12 отсто од потрошувачите доживеале нивното плаќање преку мобилен уред или картичка да биде одбиено, и тоа барем еднаш во месецот пред спроведувањето на анкетата.
Истражувањето опфати повеќе од 50.000 луѓе во еврозоната и беше спроведено во две фази – меѓу крајот на септември и крајот на ноември минатата година, како и од средината на март до средината на мај оваа година.
Извор: Данас







