Плукачите имаат збор

Парламентарните избори се ближат. Иако кампањата за волја на вистината почна уште пред неколку месеци, сега таа се загрева до степен на вриење и се заострува.

Политичката сцена станува вжештена.

Навреди се развлекуваат по медиумите пренесувајќи понекогаш и суптилни омрази како нешто што треба да се слушне и да се види.

Груби зборови и обвинувачки навреди стануваат главно средство во борбата за власт.

Се изменуваат „големи“ изјави , не ретко дури и простачки.

Владините апологети брутално се нафрлија на оние кои не се со нив, зацврстувајќи ја поделбата на „ние и вие“.

Главната теза на владеачката партија е дека „другите“ се некакво „диво месо“ или туѓо тело сраснато во политичкиот организам и тоа мора, итно, без одлагање хируршки да се отстрани за тие да продолжат со работите, да продолжат да го работат она што најдобро го знаеле…

Не им е непознат јазикот на омразата, реторика која ги продлабочува македонските поделби, во сите подрачја на земјата која тоне во проблеми.

Поставија широка црвена линија на поделби, длабок јаз меѓу луѓето, на тезата – ние или тие.

На таа линија се заострува комуникацијата се до омраза и вербални деликти, се труе и се поларизира народот, за што никој не одговара.

Демек, на нивната страна се тие кои ја сакаат Македонија, супермени, патриоти, кои се крстат и кои се, се знае, заслужни за се што е добро, а на другата се оние непатриотите, кои, демек, Македонија никогаш не ја сакале.

Итајќи кон целта, да се дискредитира и омаловажи оној другиот, тие ги честат со глупави и бесмислени зборови и разни кретенизми и погрдни изрази и навреди, за нив, „оние другите“, како да се некаде каде што не постои приватност и каде што ништо не е свето и нечепнато.

Со некултура и опасна реторика, со зборови со кои се искажуваат најразлични закани во стилот „ако ние останеме на власт“, некадарните се провираат во јавноста.

Нашите политичари очигледно ја туркаат тезата дека негативниот политички говор со најгласните и најдрски протагонисти на „плукањето“ во земја навикната на тривијалност, популизам и примитивизам донесува на крајот добивка.

Убедени се дека ригидноста и демагогијата во Македонија се исплатат.

На сцена се разни полтрони и безрбетници од „разни бои“ кои секогаш ќе зборуваат само лошо за другите, а најдобро за себе.

На сцена се политичари кои не се срамат ама баш од ништо само за да седнат во фотелјата или, од неа да не излетаат.

Го загадуваат јавниот простор однесувајќи се како уличари. Се само лаги и флоскули

Се пресметуваат по лична, партнерска, роднинска и секоја друга линија.

Го преусмеруваат, пренасочуваат и свртуваат вниманието од стварните проблеми со кои Македонија се соочува.

Не зборуваат како да ги затвориме дупките во кои пропаѓаме, затоа што не знаат.

Никола Тодоров сакав да го слушнам да зборува за здравството, на пример, на митинг во Велес, да каже пред велешани кому и како му помогнал во лекувањето.

Или, ако не таму, тогаш по на југ, во Гевгелија, да зборува за стручноста на медицинскиот персонал.

Очекував и дека Гордана Јанкуловска ќе се обрати во Чаир, можеби на „Серава“, или потаму во Топанско поле и Шуто Оризари, и таа да каже нешто, збор или два, за нејзините достигнувања од нејзината област, за што е и експерт, за кршење на човековите права.

Ама немам к’смет.

Темнинава во која, за жал, се наоѓаме е резултат на лоши политики во чиј фокус не е, ниту воопшто бил некогаш, човекот-граѓанинот.

Реформите, а и „деноноќното работење“, што тука што по странство, ни донесоа голем бенефит.

Денес, ете, од се што може да се купи, најефтин е човекот.

Ако ме прашувате јас што сакам по 11 декември… Уф, што сакам!?

Искрено, не сакам многу…

Сакам само поправедна, поуспешна и побогата, и помодерна Македонија.

Ете толку сакам…