На забранетиот антивладин собир во Хонгконг полицијата денеска употреби солзавец за да ги растера демонстрантите во туристичкиот кварт, што доведе до повеќечасовни судири во таа автономна кинеска територија.
Продемократските демонстранти поставија барикади на улиците, фрлаа молотови коктели и запалија еден влез во метро.
Тензиите се зголемија откако демонстрантите беа пречекани силни полициски сили, чие однесување на протестите е една од причините за демонстрации.
Полицијата е на мета на критики заради користењето на солзавец, гумени куршуми и водени топови за сузбивање на демонстрантите во изминатите месеци. Нејзините припадници минатиот месец користеа и боева муниција и ранија едно младо момче во гради. Од друга страна, пак, полицајците наведуваат дека тие се жртви на насилство, затоа што демонстрантите на нив фрлаат со камења, молотови коктели и се друго што ќе им дојде при рака.
Протестите во Хонгконг се одржуваат секој викенд од почетокот на јуни оваа година. Тие тогаш избија поради предлог законот за екстрадиција кој предвидуваше предавање на осомничени на Пекинг, но брзо прераснаа во борба за демократски права и зачувување на слободата кои на Хонгконг му се гарантирани во наредните 50 години, со уредба од 1997 година кога Велика Британија и ја предаде територијата на Кина.
Иако владата во средата го повлече спорниот предлог-закон за испорака, исполувајќи едно од клучните барања на протестното движење, демонстрациите не запираат.
Светските агенции денеска ја пренесоа изјавата на еден од демонстрантите кој рекол дека „проблемот е многу постар“ од спорниот предлог-закон.
„Гледаме дека нашата иднина е под контрола на Кина. Гледаме дека сите правила и закони почнуваат да бидат контролирани од кинеската влада. Народот на Хонгконг не се прашува за својата земја и тоа е голем проблем“, рече демонстрантот којшто се претстави само како Нефетс.
(Фото/Видео: АП)










