Поглаварот на Римокатоличката црква ја започна турнејата на Кипар и Грција: Папата Фрањо ја пофали „Братската црква“

LinkSense.mk

Кога Папата Фрањо денеска во раните утрински часови ќе го посети православниот кипарски архиепископ Златоуст и ќе се сретне со членовите на Светиот синод во православната катедрала во Никозија, тоа ќе биде уште еден историски момент за двете цркви.

Фрањо е вториот папа, по Бенедикт, кој го посетува Кипар, а потоа оди во Грција, во многу чувствително политичко време со поделениот Кипар, но и горливиот проблем со илегалната миграција.

Пораката на патувањето на Папата е пред се важноста на дијалогот, но и доказ за братските односи меѓу двете цркви, пишуваат кипарските медиуми.

„Доаѓам по стапките на првите големи мисионери, свети Павле и кипарскиот свети Варнава, за да се потпрам на изворите на братството со православната црква. Средоземното Море е домаќин на големи цивилизации и опфаќа многу народи, не повикува да пловиме заедно, да не се разделуваме и секој да си оди по својот пат“, рече Папата во земјта во која 80 отсто се православни, четири отсто католици и 16 отсто сунити муслимани.

Ова е 35. меѓународно патување на папата Франциско и средбата со православното свештенство е исклучително важна за римскиот викар.

Во Кипар, каде што има само околу 30.000 католици, приоритет на Ватикан е да ги зајакне напорите за добри односи меѓу католиците и православните.

„Односите и досега беа добри, а Папата сака да ги охрабри малите католички заедници во Кипар и Грција“, рече бискупот Брајан Фарел, секретар на Папскиот совет за христијанско единство, пред патувањето.

Безбедносните мерки се на највисоко ниво, заедно со Папата пристигнаа и припадници на швајцарската гарда, а 500 полицајци се грижат се да помине во најдобар ред.

Нунцијатурата на Светата столица, каде што престојува Папата, се наоѓа во тампон зоната под заштита на Обединетите нации, која го дели главниот град на кипарските Грци од главниот град на кипарските Турци.

Два дена ќе биде блокиран сообраќајот во центарот на Никозија, и околу катедралата Богородица на милосрдието, како и на стадионот на кој Папата ќе одржи миса.

Официјалниот прием е во Претседателската палата, каде Папата ќе се сретне со претседателот Никос Анастасијадес, а на маса се чувствителни теми од кипарско-турските односи.

Ватикан објави дека мотото на оваа историска посета е „Утешување едни со други во верата“, а придружбата на Папата Фрањо вели дека ќе повика на солидарност со бегалците со цел да се намалат страдањата на луѓето кои сакаат од Кипар да стигнат до Западна Европа.

Пред неговото заминување за Кипар, тој се договори 50 мигранти да добијат можност да се преселат во Италија, додека 11.000 луѓе чекаат да видат што ќе биде со нив.

Утре папата ќе отпатува за Атина, каде што ќе разговара со највисоките грчки политичари, претседателката Кетрин Сакеларопулу и премиерот Киријакос Мицотакис. Предвидена е средба и со православниот архиепископ Јероним.

По Атина, Папата ќе замине на островот Лезбос, каде ќе ги посети бегалците и ќе одржи говор за светската хуманитарна криза.

 

 

 

 

(Фото: АП)