ПОГЛЕДНЕТЕ ГО МАЈСТОРОТ: Настапот на „Милионер“ за кој бруи Европа

LinkSense.mk

Швеѓанецот Јонас фон Есен (31) е двократен светски шампион во памтење, финалист на ТВ шоуто „Таланг“, шведска верзија на шоуто „Биди талент“ во кое пејачи, танчери, комичари, актери и други изведувачи се натпреваруваат за поддршка од публиката и парични награди, а сега е и „новопечен“ милионер.

Имено, тој се истакна во шоуто „Postkodmiljonären“, кое во Македонија го знаеме како „Кој сака да биде милионер“ и стана 14-тиот човек кој освоил милион од почетокот на емитувањето на шоуто во 2005 година.

Јонас до последното прашање стигна без ниту еден џокер.

„Кој архитект го проектираше Чандигар, главниот град на индиските држави Пенџаб и Харајана, кој е изграден во 1950-тите?“, беше прашањето за еден милион круни.

Фон Есен некое време размислува, а потоа реши да го искористи џокерот „повикај пријател“. Од другата страна на телефонската линија се јавува Давид, пријателот на Јонас од квизови.

„Давид, имаш ли нешто посебно планирано за следната сабота? Имено, би сакал да те поканам на мала забава“, вели Јонас фон Есен додека одминуваат секундите, а водителот Рикард Сјоберг зачудено гледа и слуша, а потоа, кога конечно ќе сфати што се случува, прснува од смеа.

Давид ја прифаќа поканата на Јонас за забава и разговорот завршува, без натпреварувачот воопшто да му го прочита прашањето за милион долари.

Бидејќи Јонас очигледно го знае точниот одговор, решава малку да се забавува пред телевизиските камери.

„Па, ќе го користам и џокер ‘половина – половина’, колку да бидам сигурен!“, вели Јонас, а потоа продолжува: „Ова може да биде ТВ фијаско на векот ако сега, после сето ова, одговорот не биде точен“, се пошегува 31-годишниот натпреварувач. Искористи уште еден џокер и на крајот го понуди точниот одговор – Ле Корбисјер.

„Освоивте милион!“, му честиташе водителот Рикард Сјоберг, додека публиката во студиото воодушевено аплаудира.

Јонас фон Есен подоцна изјави за „Афтонбладет“ дека повикот до пријател не бил планиран.

„Кога го видов прашањето, бев прилично сигурен дека го знам точниот одговор. Седев таму и размислував што да направам, а потоа ми падна на памет дека можам малку да се забавувам… А, што би се случило ако навистина жртвував милион за таа забава? Па, и тоа би било нешто историско, историски лошо само по себе, но сепак историско! Би било толку апсурдно да погрешев!“, изјави Јонас.

А, на прашањето што ќе прави со парите, тој одговори:

„Ќе си купам нови шарени чорапи бидејќи веќе имам толку многу со дупки на нив! Исто така, ќе можам повеќе да се посветам на она во што уживам, ќе учам технологија за памтење, ќе снимам повеќе видеа на ‘Јутјуб’ и слично“, заклучи милионерот.