Подемот и падот на Елизабет Холмс, најмладата милијардерка која го измами целиот свет

LinkSense.mk

Елизабет Холмс, најмладата милијардерка, медиумите ја издигнуваа како една од успешните приказни на Силиконската долина, нарекувајќи ја „Женскиот Стив Џобс, но следеа обвинувања за измама што ја намали вредноста на фирмата „Теранос“ (Theranos), чиј главен основач е таа, од 9 милијарди долари до значително помалку, после што таа поднесе оставка и му ја препушти директорската позиција на актуелниот генерален советник на компанијата, Дејвид Тејлор.

Од почетокот на 2003 година, кога ја основаше фармацевтската компанија Теранос, преку врвот во 2014 година кога Форбс ја прогласи за најмладиот милијардер, до, како што се чини, конечниот пад, имиџот на Холмс во јавноста претрпе трансформација од млада растечка претприемачка надеж до измамничка која ги злоупотребува своите вработени.

Од идејата што ја лансираше во ѕвездите, револуционерната метода за вадење и анализа на крв, денес останаа само урнатини.

Пред само седум години таа беше на врвот на светот

А, само во 2014 година, Холмс, како што пишува „Бизнис инсајдер“ во својот текст за нејзиниот пад, беше на врвот на светот. Се чинеше дека ништо не може да и застане на патот на генијалната млада жена која дојде до револуционерна идеја да ја скрати и подобри дијагнозата на болеста од земен примерок на крв на пациентот.

Интересно е, на пример, тоа што првата адреса на нејзината компанија беше на истата локација како и онаа на основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг. Како и тој, својот бизнис таа го започна многу млада, на 19-годишна возраст, а до својата 30-та веќе влезе во друштвото на најбогатите и најмоќните претприемачи. Но, денес, лабораториите и центрите за тестирање на нејзината компанија се затворени, а таа е обвинета за измама и прикривање.

Елизабет Холмс е родена на 3 февруари 1984 година во Вашингтон, во добро ситуирано семејство, мајка Ноел работела во Конгресот, таткото Кристијан за владини агенции како што е УСАИД. Како дете, семејството се преселило од главниот град на САД во Хјустон.

Легендите кои се испреплетоа околу нејзиниот живот, кои сама ги смислила, велат дека кога имала само седум години се обидела да направи своја временска машина пополнувајќи тетратки со технички цртежи. А, на девет години, пак, изјавила дека сака да биде милијардерка кога ќе порасне.

Истата година, таа, наводно, во писмо до нејзиниот татко напишала: „Во животот сакам да откријам нешто ново, нешто што човештвото дури и не знае дека е можно“.

Од мала, велат, била многу компетитивна, за што сведочи и еден доказ од играта со помалиот брат и братучедот. Секогаш кога би ја играле познатата друштвена игра „Монопол“, Елизабет инсистирала да ја играат до крај, собирајќи куќи и хотели додека не победи. Ако случајно загубела, таа лута си заминувала.

За време на средното училиште таа развила исклучителна работна етика, честопати останувајќи будна до доцна во ноќта поради учењето. Лесно станала еден од најдобрите ученици, а уште тогаш започнала сопствен бизнис продавајќи им софтвер на Кинезите. Во тој период почнала да учи мандарински и била примена во летната програма на Универзитетот Стенфорд.

Сакала да се запише на Медицински факултет, бидејќи еден од нејзините предци бил хирург, но рано открила дека се плаши од игли. Подоцна ќе каже како тоа влијаело врз неа да го формира Теранос.

На „Стенфорд“ се запишала на хемиски инженеринг. На прва година таа доби стипендија од 3.000 американски долари за истражувачки проект, а летниот одмор го минала стажирајќи на Институтот „Геном во Сингапур. Стажирањето делумно го добила заради тоа што зборувала мандарински.

Основањето на Теранос

Во втората година на факултет му предложила на нејзиниот професор Ченинг Робертсон да основаат компанија. Со негов благослов, таа ја основала „Риал-Тајм“ („Real-Time Cures“), која подоцна била преименувана во Теранос. Тоа било во април 2004 година, а веќе во декември таа добила инвестиција вредна 6 милиони долари.

Наскоро направила патент за уред кој може да се носи, кој би ја мерел крвта на пациентот и би ја определувал дозата на лекови. Веќе следниот семестар, Холмс го напуштила Стенфорд и почнала да работи во подрумот на студентската куќа.

До крајот на 2010 година дошла до 92 милиони долари. Сепак, конкретни показатели за нејзината работа во тоа време немало.

Најавувала револуционерна технологија

Нејзиниот бизнис модел се засноваше на револуционерната идеја за тестирање на крвта со мала количина од врвот на прстот, за разлика од другите технологии за кои е потребно да се земат неколку ампули крв од вената, односно уред за напредно тестирање на крвта, наречен Едисон. Зборувала дека тоа тестирање ќе овозможува откривање на низа болести, меѓу кои и рак и висок холестерол. Најавуваше демократизација на здравствената заштита со помош на поширок пристап кон превентивното лекување. Во интервјуата зборуваше дека создаваат технологија која од само една капка крв може да дијагностицира стотина болести, што ќе спаси многу животи и ќе го промени светот.

Наскоро почнала да собира пари од познати инвеститори како Оракл, Лери Елисон и Тим Дрејпер, татко на нејзин пријател од детството, основач на познатата компанија „Ви-Си фирм“ (VC firm Draper Fisher Jurvetson). Дрејпер продолжи да ја брани и по обвинувањата за измама.

Парите од инвеститорите ги земала под услов дека не мора да не открива како функционира технологијата на Теранос“ и дека го има последниот збор во донесувањето одлуки. Опседнатоста со тајност се проширила на сите аспекти на компанијата до тој степен што тужела тројца поранешни вработени за откривање на деловни тајни. Во првата деценија ја градела компанијата во тајност. А била опседната и со безбедност. Секој што би ги посетил просториите на компанијата морал да потпише договор, и да се движи низ просториите во придружба на обезбедувањето, па дури и до тоалетот.

Пример и беше Стив Џобс

Склоноста кон тајноста и мистериозноста, велеше дека ја превземала од еден од нејзините идоли од Силиконската долина, Стив Џобс. Но, не само тоа. Станала веган, а како и нејзиниот идол, никогаш не одела на годишен одмор.

Некои велат дека дури и нејзиниот нетипичен длабок глас за жена бил дел од внимателно осмислениот имиџ што таа го создала за да се вклопи во претежно машкиот деловен свет. Била строга шефица, сакала нејзините вработени да работат исто како неа. Од нејзината секретарка барала да води сметка кога вработените доаѓаат на работа и кога си одат. За да ги поттикне луѓето да останат на работа подолго, почнала да нарачува вечери околу 20 часот.

Што се однесува до приватниот живот, и тој бил приврзан за фирмата што ја градела. Набргу откако го напуштила факултетот, започнала да се забавува со дваесет години постариот Сани Балвани, кого го запознала за време на летните школи во Стенфорд кога тој и помогнал затоа што другите студенти ја одбегнувале. Иако немал искуство во медицинската наука, станал втор човек на компанијата, а за него тврделе дека ги малтретирал вработените. Бил задолжен за тоа да ги спречи научниците и инженерите во Теранос да разговараат меѓу себе за работата. Раскинале во 2016 година кога Холмс го исфрлила од фирмата.

Пробале да ја сменат уште во 2008-ма

Членовите на Управата на фирмата во 2008 година одлучиле да ја сменат Холмс од позицијата извршен директор за да ја заменат со некој поискусен, но по три часа разговори со нив, таа ги убедила да се откажат. Како што Теранос почнала да собира милиони за инвестирање, Холмс стана јавна личност која ги красеше насловните страници на престижниот бизнис магазин „Форбс“, настапуваше во емисии и учествуваше на панели со Бил Клинтон.

Теранос“ наскоро склучи партнерство со „Капитал Блу Кросс“ (Capital Blue Cross) и со „Кливленд Клиник“ (Cleveland Clinic) кои понудиле тестирање на патентот, а со „Валгренс“ (Walgreens), вториот по големина фармацевтски синџир, склучија договор за центри за тестирање. Компанијата, исто така, влезе во партнерство и со „Сафевеј“ (Safeway), договор вреден 250 милиони долари.

Нејзината компанија се рекламираше под мотото „Една мала капка менува сè“ – „Потполно исти тестови, потполно мал примерок“.

Холмс во 2011 година го вработила и помладиот брат Кристијан, кој немал никакво искуство во медицината или во науката, а претходно работел како аналитичар во Вашингтон, откако дипломирал на Универзитетот Дјук.

Првите денови во Теранос“ ги поминал читајќи спортски вести и носејќи пријатели од факултетот во фирмата.

Најмладата милијардерка во светот …

Во еден момент Елизабет стана најмладата милијардерка, со капитал од околу 4,5 милијарди.

Некаде во тоа време, технологијата „Теранос“ стана сомнителна за научниците, а Иан Гибонс, главниот научник на компанијата и еден од првите вработени, ја предупреди Холмс дека има несовршености во технологијата и дека тестовите не се подготвени за јавноста.

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) во август 2015 година, почна да го истражува „Теранос“ и откри неправилности во тестирањето на патентите. Во исто време, официјални лица од Центрот за регулација на лаборатории ја посетија лабораторијата на „Теранос каде открија големи неточности во тестовите извршени на пациенти.

Два месеци подоцна, новинарот на Вол Стрит Журнал, Џон Керејрој, кој ја следи медицината и здравствениот сектор, објавува истражување за измамите во употребата на технологијата, што го означува почетокот на надолната патека на компанијата. Овој новинар откри дека Едисон, апаратот за тестирање на крвта што го користи Теранос, не може да даде точни резултати и дека компанијата всушност користела традиционална опрема. За Теранос се заинтересираа и други државни и федерални институции како ФБИ, а Волгринс потоа го раскина договорот со компанијата.

… и тогаш кулата од карти почна да се руши

Ова се случува кога се обидуваш да направиш промени, прво мислат дека си луд, потоа се борат против тебе, а потоа одеднаш ќе го смениш светот“, рече Холмс, бранејќи се од обвинувањата во емисија на Си-Ен-Би-Си.

Сепак, во јули 2016 година, таа беше исфрлена од индустријата за лабораториски тестирања на две години. До октомври Теранос мораше да ги прекине сите лабораториски тестирања.

Американската комисија за хартии од вредност во март оваа година ги обвини Холмс и Балвани за голема измама. Холмс се согласи да се откаже од финансиската контрола и учеството во донесувањето на одлуки, да плати казна од 500.000 долари и да врати дел од акциите на Теранос. Исто така, во следните десет години не смее да биде директор на компанија што е на берза, но и е дозволено да биде извршен директор на приватна фирма.

И покрај обвинувањата, Холмс побара од инвеститорите повеќе пари за да ја спаси компанијата.

Теранос во 2018 година објави дека Холмс се повлекува од директорската функција. Истиот ден, Министерството за правда објави дека федералната порота одлучила да ги обвини Холмс и Балвани.

Правосудните органи, државните агенции и медиумите ја докрајчија лажната приказна за успехот на една стартап фирма и успешна инвеститорка, која на низа големи и успешни инвеститори со години им продаваше „ветер и магла“.

Таа денеска е прогласена за виновна по обвинение за измама.

 

 

 

 

(Извор: Индекс.хр / Фото: ЕПА)